ГЕРМАНИЈА ЌЕ ДОЗВОЛИ ПОСЕДУВАЊЕ 25 ГРАМА МАРИХУАНА И ОДГЛЕДУВАЊЕ ТРИ СТЕБЛА ДОМА

0
50

„Предлог-законот предвидува неказнивост за поседување до 25 грама марихуана и три стебленца канабис“, се вели во предлог-законот претставен во Берлин од министерот за здравство Карл Лаутербах (Социјалдемократската партија на Германија, СПД) и министерот за земјоделство Џем Оздемир (Зелените).

Понатаму ќе биде дозволено ограничено издавање на канабис во посебни здруженија и со строга контрола на количината.

Лаутербах и Оздемир рекоа дека главната цел на законските измени е да се намали нелегалниот пазар на опијати.

„Никој веќе не треба да набавува дрога од дилер кај кој всушност не знае што купува“, рече Лаутербах.

Оздемир рече дека сегашната политика „целосно ја промашила својата цел“, што го покажува и зголемувањето на бројот на кривични пријави за злоупотреба на дрога.

„Мораме да најдеме нови начини за борба против нелегалниот пазар и криминалот поврзан со зависностите“, рече Оздемир.

Во следната фаза треба да се дефинира како ќе се издава канабис во т.н Социјални клубови за канабис, кои треба да се отворат во одредени региони каде што ќе се следат ефектите во период од пет години.

Законот предвидува пристап до овие клубови само за членовите на здруженија на возрасни лица. На овие здруженија ќе им биде дозволено да одгледуваат и дистрибуираат канабис на своите членови под контролирани услови.

Исто така на лицата кои досега биле осудени за поседување канабис во количина помала од 25 грама би им се избришал уписот во казнен регистар.

Првично, социјалдемократско-зелено-либералната влада сакаше да ја легализира продажбата на канабис во специјализирани продавници, но во овој момент тоа е откажано поради „преголемите пречки“ поврзани со законските одредби на Европската унија.

Евентуалната продажба на канабис во специјализирани продавници ќе се разгледува по пробниот период.

Полицискиот синдикат ги критикуваше законските измени поради стравувањата дека здруженијата за одгледување канабис би можеле да се претворат во производители за нелегален пазар каде малолетници би купувале дрога.

„Поседувањето на три растенија канабис дома или максимум 25 грама по лице е речиси невозможно да се контролира“, велат од полицискиот синдикат.

Во моментов, канабисот е дозволен во Германија само во исклучителни случаи и за медицински цели.