„Да му се одземе лиценцата“ – предлог на лекарската комора за Тик-Ток анестезиологот

0
41

На анестезиологот од клиничката болница Тетово му се заканува одземање на лиценцата на 7 години – таков предлог даде Лекарската комора по инцидентот во кој лекарот ги снимаше пациентките од Гинеколошкото одделение и во живо ги емитуваше на ТикТок.

„Лекарот вработен во оваа институција за жал ја искористил својата позиција во институцијата и ги нарушил правата на пациентите и нивното достоинство, а со тоа ги нарушил угледот и честа на нашата лекарска професија. Итно свикавме вонреден состанок на Комисијата за етички и правни прашања. По детална расправа и разгледување на случајот, Комисијата донесе едногласна одлука за покренување на постапка пред Судот на честа на Лекарската комора. Обвинителот на Судот на честа по разгледувањето на пријавата истата ја прифати и до Судот на честа на Комората достави обвинение против доктор Ваљон Дервиши, анестезиолог кој веќе не е вработен во Болницата, со предлог Судот на честа да му изрече мерка за времено одземање на лиценцата за работа, согласно правните регулативи. Обвиниението во овој момент му се доставува на докторот кој е во притвор“, рече д-р Гривчева-Старделова.

Таа додаде дека изразуваат најдлабоко жалење во име на целата струка и се извинуваат до сите пациентки кои беспомошно лежеле додека биле снимани.

Анестезиологот од тетовската болница беше уапсен веднаш по инцидентот, а судот му одреди 8 дневен притвор.

Министерот за здравство ја извести јавноста дека тој и директорот на болницата му го прекинале работниот однос и изразија згрозеност од настанот.