Холандскиот суд забрани донирање сперма на биолошкиот татко на 550 деца

0
24

Холандскиот суд му забрани на маж да донира сперма откако со неговата сперма се родиле најмалку 550 деца во Холандија и други земји, пренесува АП.

Судот изјави дека според холандските прописи, едно лице може да донира сперма за најмногу 25 потомци или за 12 семејства, како и дека донаторот ги лажел идните родители за неговата историја на донирање.

Донаторот, идентификуван како Џонатан М., донирал сперма на неколку холандски клиники за плодност и клиника во Данска, како и на многу луѓе со кои се поврзувал преку реклами и форуми на интернет, се вели во пресудата.

Адвокатот на донаторот на рочиштето рече дека неговиот клиент сака да им помогне на родителите кои инаку не би можеле да зачнат деца.

Судијата што го води случајот рече дека донаторот „намерно лажел за тоа за да ги убеди родителите да го изберат“, се вели во соопштението на судот.

„Сите овие родители се соочени со фактот дека децата во нивното семејство се дел од огромна роднинска мрежа, со стотици полубраќа и сестри кои тие не ги избрале“, објави судот, додавајќи дека тоа има или можело да има негативно психо-социјални последици за децата, па во нивен интерес мрежата на сродство да не се шири понатаму.

Судот одлучи дека „интересите на децата и нивните родители го надминуваат интересот на донаторот да продолжи да донира сперма на новите идни родители“.

Судот нареди и веднаш да се стопираат сите донации, а доколку ја прекрши забраната ќе треба да плати 100.000 евра по случај.