Еколошки активисти ја поцрнија водата во најпознатата фонтана во Рим (ВИДЕО)

0
35

Седум млади активисти кои денеска протестираа против климатските промени влегоа во водата во Фонтаната Треви во Рим и истурија разреден јаглен во неа за да добие црна боја.

Демонстрантите се членови на групата „Ultima Generazione“ („Последната генерација“). Тие истакнаа транспаренти на кои пишуваше „Нема да плаќаме за фосилни горива“ и извикуваа „Нашата земја умира!“.

По нив набрзо пристигнала и полицијата која ги привела. Бројни туристи го снимиле инцидентот, а неколку набљудувачи, како што покажуваат видео снимки, ги навредувале демонстрантите.

Во соопштението за медиумите на групата „Ultima Generazione“ тие повикуваат на укинување на јавните субвенции за фосилни горива и ги поврзуваат со смртоносните поплави во северниот италијански регион Емилија-Ромања.

Групата тврди дека, според нејзините податоци, секоја четврта куќа во Италија е во опасност од поплава.

Градоначалникот на Рим, Роберто Гуалтиери го осуди протестот, последен во низата слични активности, како тие чија цел беа уметнички дела.