Руските власти соопштија дека дваjца високи руски офицери загинале во битките кај Бахмут

0
25

Руското Министерство за одбрана денеска извести за смртта на двајца високи офицери во борбите во областа на украинскиот град Бахмут.

Полковник Вјачеслав Макаров, командант на 4-та моторизирана пешадиска бригада, загинал во борбите во Доњецката Народна Република, изјави денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-полковник Игор Конашенков.

„Битката на фронтот ја водеше лично командантот на 4-та моторизирана бригада, полковник Вјачеслав Макаров. Два непријателски напади беа одбиени, а војниците на бригадата уништија три тенкови, четири пешадиски борбени возила и две оклопни возила на Вооружените сили на Украина. За време на одбраната од третиот напад, командантот на бригадата беше тешко ранет и загина при евакуацијата од бојното поле“ – рече Конашенков.

Тој ја информираше јавноста и за смртта на заменик-командантот на воениот корпус за воена и политичка работа, полковник Евгениј Бровко.

„За време на борбата за одбивање на еден од нападите, полковникот Евгениј Бровко загина херојски откако беше погоден од повеќе шрапнели“, рече Конашенков.

Министерството за одбрана денеска соопшти дека украинските сили „масовно се обиделе“ да ги пробијат линиите на руските војници во градот Бахмут.