Тетовската полиција за пет месеци казнила 199 возачи кои зборувале на мобилен

0
19

Од почетокот на годинава досега, на поширокото тетовско подрачје биле санкционирани вкупно 199 возачи кои ги управувале нивните возила и зборувале на мобилен телефон. На сите кои зборувале на мобилен возејќи, изготвени им се соодветни поднесоци и тие ќе се соочат со глоба од 40 евра во денарска противвредност, соопштија од СВР Тетово.

За разлика од мобилните телефони кои се повеќе и се почесто ги користат возачите, во периодот за кој станува збор возачите не секогаш ги употребувале сигурносните појаси.

„Во овој период биле санкционирани 179 ваков вид прекршоци, со напомена дека глобата за некористење појас изнесува 40 евра за возачите и 50 евра во денарска противвредност за совозачите,“ изјави Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до возачите да се воздржат од разговори на мобилен кога се зад волан, пишување пораки и слично и редовно да ги врзуваат сигурносните појаси.

„Зашто, разговорите на мобилен или пишувањето на пораки во голема мерка го одвлекуваат нивното внимание и ја доведуваат во прашање нивната и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Врзувањето на појасите, пак, најмногу е за лична безбедност на возачите и другите во возилата, без разлика дали се патува на покуси или подолги релации. А, бидејќи на тетовско-гостиварското подрачје престои период кој ќе биде исполнет и со далеку поголема сообраќајна фрекфренција на патиштата во регионот, овој и наредните летни месеци ќе се реализираат засилени контроли и без исклучоци ќе се санкционираат сите констатирани прекршоци“, изјави Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Из С.П