Апел на бугарска фондација – вадете си извод од матично, за 250 денари до бугарски пасош

0
25

Ако во графата за националност, во македонските изводи, впишете дека сте Бугарин, веројатно полесно ќе може да стигнете до бугарски пасош.

Оваа можност постои откако беа донесени измените во упатството за водење на матичните книги и документација според кои ќе има и графа за етничка припадност. Ваквите измени не поминаа незабележано кај фондациите и здруженијата во соседна Бугарија, чија цел е што повеќе жители на македонија да се впишат како Бугари.

Тие, преку социјалните медиуми повикуваат што помасовно да се вадат изводи во Македонија, во кои пишува дека се изјаснувате како Бугарин.

„Според новиот закон можете да го обновите изводот на родените и на него пишува националност: бугарска. Сега проверуваме дали ова ќе ти даде можност сигурно да добиеш бугарско државјанство, но ако на изводот ти пишува бугарско, дефинитивно треба да добиеш бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло и самосвест. Масовно се вадат изводи од С. Македонија, во кои е напишана националноста на Бугарин. Чини 250 денари, порачаа од здружението“, објавија од Фондацијата.

Досега, пракса беше, ако сакате да заминете на работа во некоја од земјите во Европската унија, да се вадат бугарски пасоши, што ја олеснува потрагата по наоѓање работа. За тоа беше потребно време, неретко и до две години, а оние кои ви овозможуваа документи кои ќе докажат дека имате бугарско потекло, заработуваа по стотици евра на потребата на луѓето да добијат бугарски (европски).

Сега, по се изгледа тоа ќе може да се направи многу побрзо и многу поевтино, со вадење само извод од матичната книга на родените во кој постои можност да се впише националноста.

Ваквата можност е воведена, наводно, со цел да не се злоупотребува етничката припадност во постапка на вработување по етничкиот балансер, а како што најави министерот за правда Кренар Лога, ќе може да се отворат и кривични постапки за лажно пријавување.