Историска бламажа на Македонија на Олд Трафорд! (ФОТО+ВИДЕО)

0
56

После три децении откако тргна фудбалска Македонија како самостојна, „најдобрата генерација на сите времиња“ вечерва испиша историска бламажа на култниот „Олд Трафорд“ после вечерашната катастрофа со 0-7 од Англија во евроквалификацискиот циклус после кој се распаѓаат сите приказни и изговори дека оваа селекција е на добар пат и уште ќе ја радува нацијата.

Само година ипол откако дојде Македонија на чекор до пласман на СП, две години од историскиот настап на Еуро 2020, на дело вечерва се виде сета импровизација и комплетниот пад индивидуално и тимски на националниот тим, предводен од селекторот Благоја Милевски, кои сите маани со разно-разни приказни ги ставаа под тепих и ги занемаруваа, за вечерва во Манчестер, „театарот на соништата“ да им се претвори во најголем кошмар и да им ја покаже реалноста како (про)паѓа со незапирлива брзина макеоднскиот национален тим.

Дојде Македонија на Островот со амбиции да го исправи тоа што за пола час во петокот го загуби со Украина, ама на теренот не покажа ништо, ни фудбалски, ни со желба, ни со енергија, ниту со некаква стратегија. Сѐ беше едносмерно за Англичаните, само половина полувреме нешто одолевавме, а кога Хери Кејн прв нѐ начна тргна потопот.

До полувреме Букајо Сака и Маркус Рашфорд погодија уште по еднаш, па младата арсеналова ѕвезда додаде уште два гола во првите шест, а потоа Калвин Филипс и Кеј од пенал нѐ дотолчија, за да стравуваме и да трепериме дали може и двоцифрено да си заминеме од Англија, каде во минатото од две гостувања двапати не загубивме.

Овој дебакл и не треба да чуди, зашто од ланското лето Македонија е во слободен пад, изговорите секогаш беа, те повредени, те Лигата на нации не била приоритет, ама прикаските од доаѓање на Милевски дека Еуро 2024 е главната цел се распрснаа уште на ждрепката, а сега се потврдуваат дека Македонија нема тим за највисок дострел и ново учество на континенталниот шампионат.

Всушност, тешко некој и да помислува на вакво нешто, со федерација која интересот и е само како да ги потроши милионите од ФИФА и од УЕФА. На крајот каква федерација, таков фудбалот, таква репрезентација, а националниот тим вечерва ни покажа дека одиме надолу и иднината никако не е светла.

После овој дебакл и неисполнети ветувања и очекувања уште од август 2021 година, најмалку што може и треба е да се преземе одговорност, ако воопшто таков збор постои и во ФФМ и кај селекторот.

Извор Sport1.