Бујар Османи во улога на претседавач со ОБСЕ ќе ги посети Узбекистан и Казахстан

0
78

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи од утре ја започнува својата посета на Централна Азија. Во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, дел од агендата на Претседавачот е посета на Узбекистан и на Казахстан.

Посета на Централна Азија, Османи ќе ја започне од Ташкент, Узбекистан каде што ќе оствари средби со државниот врв. Предвидени се средби со претседателот Шавкат Мирзијоев. Покрај средба, Османи со министерот за надворешни работи на Узбекистан, Бахтијор Саидов, ќе има и заедничка прес-конференција. Османи во Ташкент ќе се сретне и со претставници на ОБСЕ Канцеларијата на проектниот координатор во Узбекистан.

Според програмата, во Ташкент Османи ќе има средба и со Танзила Нарбаева, која претседава со Сенатот на Узбекистан како и со претставници на граѓанското општество.

Од Узбекистан, Османи ќе патува во Казахстан каде што исто така ќе има средби со официјалните државни лица, а ќе ја посети и Програмската канцеларија на ОБСЕ во Астана за одблиску да се запознае со активностите и проектите што ОБСЕ ги спроведува во Казахстан.

Османи ќе се сретне со Касим Јомарт Токајев, претседател на Казахстан, а со вице-премиерот и министер за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу ќе имаат и заедничка прес-конференција. Османи во Астана ќе се сретне и со претставници на граѓанските организации.