Расправата за уставните измени заврши, Џафери ја прекина седницата

0
20

Откако заврши расправата за промените на Уставот во Собранието, претседателот Талат Џафери веднаш ја прекина седницата и најави дека дополнително ќе го закаже продолжението. Џафери не го послуша предлогот на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој побара уставните измени да бидат ставени на гласање на денешната седница.

Со 70 гласови „за“, 47 против и ниту еден воздржан на собраниската седница за уставните измени денеска беше усвоен предлогот на дневниот ред, односно точката за пристапување кон уставните измени.

Седницата започна со задоцнување од повеќе од еден час, а пред почетокот имало координација на партиите при што било договорено на седницата да се обраќа по еден, а другите пратеници да не се јавуваат за збор.

Пред пратениците прв се обрати премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека со цела одговорност ги отфрла лажните и невистинити тези дека постои диктат од кој било, за што било, бидејќи предложените уставни измени се однесуваат единствено на додавање народи, а македонскиот народ останува уникатен и засебен.

Предлогот за дополнување на Уставот е наш, македонски, поддржан од Европската унија и нашиот стратешки партнер САД. Тој има само една единствена релација и мотив, влез во ЕУ. Тоа што го бараат и очекуваат мнозинството граѓани во државата, ништо повеќе, ништо помалку, порача премиерот Димитар Ковачевски.

С.П.