ТЕТОВО САРДИСАНО ОД ДИВОГРАДБИ КОИ СЕ ГРАДАТ И ВО НЕДОПРЕНА ПРИРОДА

0
89

Дивоградбите во тетовско, според сликите од терен никако да запрат. Бесправно се гради во градот, во подножјето на Шара, на пониските делови од шарпланинското подрачје, но и во недопрената природа во Националниот парк Шар Планина.

Надградби, доградби, куќи, деловни објекти го нагрдуваат Тетово и Шара, некои се градат на приватен, но дел и на државен имот.

Повозрасните тетовци велат дека не можат веќе да го препознаат градот кој во минатото важеше за зелена оаза, а сега е целиот бетонизиран и асфалтиран.

„Бесправните објекти го уништуваат и нагрдуваат тетовскиот регион, а надлежните со години многу малку преземаат. Сето тоа создава голем револт кај нас. Се на диво е тука. Не можеме да дишиме особено во зимскиот период оти нема циркулација на воздухот“, вели еден тетовец.

„На лето пеколно на зима големо аерозагадување. Од огромните зданија, е уште потопло, шарскиот воздух профитерите кои градат згради го блокираа, во Тетово веќе не е хумано да се живее. Целиот град е бетонизиран и асфалтиран, а и тие градби за кои се дадени дозволи, се сомневаме дека се по легален пат, додава друг тетовец.

Неодамна од Националниот парк Шар Планина, изјавија дека на Шара евидентирале околу 700 објекти , а голем дел од нив според оваа установа биле дивоградби.

„Тие кои што можат ќе се легализираат и ќе се пренаменат во објекти каде ќе се промовира туризам, за останатите ќе треба да одлучуваат другите институции,“ изјавија пред ва месеци од Националниот парк Шар Планина.

Од Општинскиот инспекторат при Општина Тетово, се сомневаат дека на Шара има толку голем број на дибоградби. Според нив конкретно на Попова Шапка веќе нема градење на бесправни објекти, по нивните неколку акции за уривање на дивоградби во викенд населбата на туристичкиот центар.

„Нашите екипи се постојано на терен, а во последно време намалено е дивото градење. Но голем проблем е тоа што има многу жалби до Второстепената владина комисија кои сопствениците на нелегалните објекти се почесто ги поднесуваат. Исто така проблем ни прави постојниот закон, преку кој нашите инспектори не можат веднаш да постапуваат кога ќе наидат на некоја дивоградба. Треба да се изготви записник, па тој има право да се жали и додека трае оваа процедура довоградбите во меѓувреме продолжуваат да се градат. Треба за оваа проблематика да има поригорозни закони“, вели раководителот на Инспекторат при Општина Тетово, Абдулгани Алији.

Освен со дивоградби градот под Шара се соочува и со непланско градење оти за Тетово повеќе од две децении нема донесено Генерален урбанистички план, според кој треба градот урбано да се развива.

Секој слободен простор се користи да се изгради висококатница, задушувајќи го градот, кој во зимскиот период го држи неславното прво место како најзагаден град во светот.

Извор СП