22 години од загинувањето на армиските резервисти кај Карпалак

0
64

Со положување цвеќе и панихида пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје утрово беше оддадена почит кон десетте загинати бранители од Прилепско кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година.

Почит им оддадоа министерката Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници на претставници на Владата, од кабинетот на Претседателот, Општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичките партии како и поголем број здруженија на бранителите како и граѓански организации.

„Тие луѓе го дадоа најскапоценото – својот живот за нашата татковина и сметам лично како министерка за одбрана дека заслужуваат достојно спомен-обележје во споменик којшто можеби нема сигурно да ги вратиме назад, но навистина ќе имаме место каде достојно ќе оддаваме почит. Денес во текот на денот до Општина Желино која е надлежна општина ќе испратам повторно, исто како што го направив и за Вејце, барање да биде дозволено овде да се изгради споменик каков што е достоен и се разбира Министерството за одбрана е подготвено тоа да го реализира, истакна Славјанка Петровска.

На 8 август 2001 околу 10 часот конвој на АРМ беше подмолно нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило на Армијата во кое беа 8 војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Загинаа Нане Наумоски (48),Сашо Китаноски (39) Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29) Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26) сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово, и Пеце Секулоски(29) од прилепско Бело Поле.