Голема акција во Хрватска: Полицијата апси навивачи на Динамо поради инцидентите во Атина

0
95

Хрватската полиција започна акција за апсење на членовите на навивачката група Bad Blue Boys поради европска потерница која стигна од Атина.

Полицијата постапила според налогот и уапсила неколку навивачи. Уапсени се девет членови на Bad Blue Boys. Полицијата не сака ништо официјално да потврди од како што велат „тактички причини“.

Во барањето на грчките власти има список од десет имиња на навивачи на Динамо Загреб осомничени дека учествувале во нередите во Атина вечерта пред натпреварот од 2. прелиминарно коло на Лигата на шампионите против АЕК на 7 август, кога беше убиен 29-годишниот навивач на АЕК, Михалис Кацурис, по што многу хрватски навивачи експресно ја напуштија Грција.

Дека европските потерници стигнале до хрватското правосудство потврдија неофицијално од повеќе извори во правосудството, но кој се наоѓа на списокот на лица за кои се заинтересирани грчките власти и за што точно се товарат – не се знае.