Згасна животот на Боби, најстарото куче на светот

0
107

Угина Боби, најстарото куче на светот. Оваа вест ја соопшти ветеринарката д-р Карен Бекер, која се грижеше за него.

Кучето оваа пролет наполни 31 година и влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстарото куче на светот.

„И покрај тоа што го надживеа секое куче во историјата, неговите 11.478 денови на земјата никогаш нема да бидат доволни за оние што го сакаа. Кога го прашавме Леонел кој е рецептот за исклучително долгиот живот на Боби, тој брзо одговори: ‘Добра исхрана, постојан контакт со природата, постојана ветеринарна грижа и љубов. Боби знае дека беше многу сакан’. Боби, ти го научи светот на сѐ што не можеш ни да замислиш“, напиша ветеринарката на својот инстаграм-профил.

Боби е во сопственост на семејството Коста откако се родил во 1992 година во помошната куќа каде што складирале дрва.

Еден од неговите сопственици, Леонел Коста, кој тогаш имал само осум години, сега има 38. Меѓутоа, таткото на Леонел одлучил дека не можат да ги задржат Боби и неговите тројца браќа, па планирал да ги закопа за да не преживеат.

Кога таткото на Леонел ги однел кученцата, не сфатил дека оставил едно зад себе. Дури кога ја забележале мајката на кученцата, Гира, како се враќа во домот, сфатиле дека едното ја избегнало тажната судбина. Леонел и неговите браќа решиле да го задржат Боби, но тајно за да не дознае нивниот татко. И покрај казната што ја добиле од родителите кои брзо ги откриле, тие успеале во својата мисија и Боби станал дел од семејството.

На прашањето како Боби е толку неверојатно долговечен, Леонел одговорил дека за тоа е виновна „мирната средина далеку од градот“. Тие секогаш го хранеле со истата храна што ја јадат и неговите сопственици, но ја натопувале во вода за да ги отстранат сите зачини. Никогаш не јадел кучешка храна, а пиел околу литар вода дневно. Боби никогаш не бил врзан ниту ставен на поводник. Наместо тоа, тој можел слободно да шета по шумите и земјиштето околу имотот на семејството Коста.