НАМЕСТО ДА ГО КРАСИ РЕКАТА ПЕНА ГО ГНАСИ ТЕТОВО

0
63

Стар мебел, комунален отпад, градежен шут, апарати за домаќинство може да забележите по течението на тетовската река Пена.

Најлоша е состојбата во долниот дел на реката кој е практично претворен во дива депонија.

Несовесни граѓани продолжуваат да фрлаат се и сешто, а институциите ниту казнуваат ниту чистат и го одржуваат речното корито, велат тетовци.

„И во 2023 година ние се занимаваме со чистотата на реката Пена, а овој проблем може многу брзо да се реши. Само поголема контрола и казни за тие кои фрлаат се и сешто во реката, може и камери да се постави долж течението на реката“, вели еден жител на Тетово.

„Има многу несовесни граѓани, но исто така и општината е виновна за ваквата состојба. Таа треба редовно да го одржува, односно чисти речното корито, но како што гледам одамна тука не поминала некоја механизација да го собере сметот“, додава друг жител на Тетово.

Поради негрижата доведена е во прашање и стабилноста на речното корито.

„Во самото речно корито има огромни дрвја и од нивните корења може да се наруши стабилноста на коритото, односно да падне ѕидот на речното корито,“ вели еден тетовец.

Не се чисти ниту новиот кеј на реката.

„Освен на Бањиче и тука на новиот кеј на реката тетовци го наоѓаат својот мир. Но, престанаа да одат оти многу смрди покрај малите канти за отпадоци од каде не се подига сметот. Ова е катастрофа. Пред десетина дена исчистија, го собраа сметот на куп и еве се уште не се дојдени да го соберат“, револтирано раскажува една тетовка.

Од Општина Тетово, велат дека реките се чистат согласно годишниот план. Наскоро ќе се започне и со остранување на сметот од речното кориото на Пена.

„Пред неколку дена беше исчистено речното корито на реката во селото Порој, согласно планот ќе се чистат и другите речни корита. Воедно апелираме граѓаните да не фрлаат отпадоци во реката оти ќе следуваат санкции“, изјаво Милена Вучевска портпарол на Општина Тетово.

Слична е состојбата и со останатите реки во тетовско кои се нагрдени со разновиден отпад, а како резултат на тоа микробилошката загаденост е се поголема.
Извор СП