Мачките имаат речиси 300 изрази на лицето, дури и „лице за играње“ што го споделуваат со луѓето

0
144

Мачките користат стотици изрази на лицето за да комуницираат, открива ново истражување.

Во период од една година, истражувачите снимиле вкупно 276 различни изрази на лицето кои ги користеле 50 мачки што живеат во кафуле за мачки во Лос Анџелес.

Ова е едно од првите истражувања што направи подлабока анализа на начинот на кој комуницираат мачките.

Изразите на лицето кај кучињата, шимпанзата и луѓето се добро проучени, откривајќи дека луѓето имаат 44 изрази на лицето, кучињата 27, а шимпанзата имаат неверојатни 357. Но, експерсивноста на мачките не беше доволно истражувана.

– Литературата е ретка, а многу истражувања се фокусираат само на врската помеѓу мачките и луѓето во текот на 10.000 години припитомување. Во кафулето за мачки успеавме да документираме спонтани интеракции помеѓу мачките и да ги снимиме нивните изрази на лицето – вели Британи Флоркиевиќ, доцент по психологија на колеџот „Лион“ во Арканзас.

Според истражувањето, секој поединечен израз комбинирал приближно 4 од 26 уникатни движења на лицето, вклучувајќи раздвоени усни, проширени или стеснети зеници, трепкање, свиткани агли на устата, лижење на носот и различни положби на ушите.

Во една интеракција истражувачите забележале дека еден пар мачиња брзо преминале од разиграни во конфронтирачки, при што едното почнало да му саска на другото, пред да побегне.

– Беше изненадувачки да се види како си играат, а потоа работите ескалираа до агресивност. Можете да видите промена во нивните изрази на лицето. На почеток, очите на една мачка беа поопуштени, а ушите и мустаќите напред, движење за да дојде поблиску до другата мачка. Но, потоа ситуацијата ескалира, па едната мачка почна да ги мрда ушите и мустаќите наназад и нејзиното однесување се промени прилично брзо.

Откако ги прегледале снимките, истражувачите заклучиле дека повеќето од изразите на мачките биле пријателски (45 отсто), додека агресивни биле 37 отсто. Другите 18 отсто биле двосмислени или спаѓале во двете категории.

Исто така, истражувачите откриле дека многу од лицата, вклучувајќи го и она што тие го нарекуваат „чест израз за игра“, изразено со аглите на устата повлечени наназад и падната вилица за да формира насмевка – се слични кај голем број видови вклучувајќи ги луѓето, кучињата и мајмуните.

Ќе бидат потребни повеќе истражувања за да се дознае точно што си „рекле“ мачките една на друга. Но, истражувачите се надеваат дека ова истражување ќе помогне да се расветлат безброј изрази на мачките.

– Се надеваме дека засолништата за животни ќе можат да го искористат нашето истражување за да помогнат во проценувањето на мачките за кои се грижат – рече Флоркиевиќ.

Извор: Livescience.com
Фото: Freepik