Нетанјаху: Хамас одби гориво за болницата „Ал Шифа“ во Газа

0
68

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата тврдеше дека Израел ѝ понудил гориво на болницата „Ал Шифи“ во Газа за да може да продолжи со работа, но дека милитантите ја одбиле понудата.

Американската телевизиска мрежа NBC News го праша Нетанјаху дали тврдењата на Израел дека Хамас има командно место под главната болница во Газа го оправдува загрозувањето на животите на болните и ранетите луѓе и бебињата.

„Напротив, синоќа им понудивме доволно гориво за работата на болницата, работата на инкубаторот и слично, бидејќи не водиме битка со пациенти или цивили“, рече Нетанјаху.

Израелската армија соопшти дека е подготвена да ги евакуира бебињата од „Ал Шифа“ во недела, но палестинските власти предупредија дека има уште луѓе заробени.

Досега починаа три бебиња, а загрозени се уште десетици поради прекинот на струја во болницата.

„Ние само понудивме гориво на болницата Ал Шифи, тие одбија“, рече Нетанјаху на прашањето дали Израел има план да испорача гориво во Газа за напојување на болниците. „Хамас се крие во болниците и се позиционира таму, тие не сакаат гориво за болницата… тие сакаат да добијат гориво за да го однесат од болниците до нивните тунели, до нивната воена машина“, додаде тој.

Хамас ги негира израелските обвинувања дека има командни пунктови под „Ал Шифа“ и другите болници во Газа. Но во неделата веднаш не ги коментираше изјавите на Нетанјаху.

Израелскиот премиер, исто така, изрази повеќе сомнежи за иднината на Појасот Газа, сугерирајќи дека палестинската управа во нејзината сегашна форма не треба да ја преземе контролата врз крајбрежната енклава.

На прес-конференција, Нетанјаху го изрази своето долгогодишно незадоволство од училишната програма на Палестинската управа, за која вели дека поттикнува омраза кон Израел, како и нејзината политика на исплата на плати на семејствата на Палестинците затворени во Израел.

„Нема да има цивилна влада која ќе ги учи своите деца да (…) ја елиминираат државата Израел, не може да има влада која плаќа плати на семејствата на убијците“, рече израелскиот премиер. „Не може да има влада на чело со некој кој, повеќе од 30 дена по масакрот (7 октомври), сè уште не го осудил“, додаде тој.

Сепак, тој не прецизираше кој треба да управува со енклавата по завршувањето на конфликтот, велејќи само дека Израел ќе ја одржува општата безбедност.

Американскиот државен секретар Антони Џ. Блинкен минатата недела рече дека администрацијата на Газа треба повторно да се обедини со блискиот Западен Брег, чии делови се управувани од Палестинската управа (ПА).

Палестинскиот претседател Махмуд Абас во петокот рече дека ПС може да игра улога во управувањето со Појасот Газа во иднина, но Нетанјаху во саботата вечерта сугерираше дека не сака сегашните лидери на ПА да имаат одврзани раце во Газа