Семејството со две мали деца се евакуираше од Газа, преку Каиро ќе дојдат во Македонија

0
54

Семејството со две мали деца, таткото кој е македонски државјанин и мајката која е Палестинка вчера го помина преминот Рафах од Газа кон Египет. Тие се на египетска територија и преку Каиро треба да се упатат кон Скопје.

Информираме дека во текот на вчерашниот ден, тројца државјани на Република Северна Македонија (татко и две деца), безбедно ја напуштија Газа и во придружба на вршителот на работи во нашата Амбасада во Каиро, Елма Алторок беа упатени кон египетскиот главен град, а од таму кон Северна Македонија. Со нив, преку Рафах се евакуираше и мајката на децата, која има палестинска патна исправа, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи.

Во Газа има уште двајца наши граѓани, брачен пар, кои се исто така вклучени во официјалните листи за евакуација, но нивното напуштање на Газа зависи од околностите на терен, односно безбедносната проценка кој дел од Газа е најпогоден, а со тоа и потребата за итна евакуација на странските државјани.

– Министерството за надворешни работи преку својата дипломатска мрежа во Кајро и Тел Авив останува во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел како и со нашите државјани до завршување на целосното евакуирање на нашите граѓани, соопштуваат од МНР.