ФОТО: Одрони од камења и земја над тетовско Бањиче, опасност од големо свлечиште над ова рекреативно место

0
110

На околу 400-тини метри над тетовско Бањиче, рекреативно место на неколку километри од Тетово на Шарпланинскиот масив, постои опасност од свлечиште од еден рид веднаш покрај патот, кој води кон Шипковачко теќе. Поради поројните дождови земјата веќе започна да ерозира, а одрони од камења се паднати на патот, на места се појавуваат пукнатини на асфлатот и земјата.

Граѓаните бараат што поскоро да се преземат превентивни мерки за да не биде предоцна.

Патот од Тетово па се до рекреактивното место Бањиче го направија, тоа е за поздравување, но многу ерозии се појавија долж патот. Не знам кој го проектирал сето ова, но најверојатно е до теренот сепак сме на планина, но мора да се внимава на безбедноста на пешаците и возачите“, вели еден жител на Тетово.

„Тука има луѓе кои се рекреираат, затоа што ова е единствена рекреативна зона во градот, а во градот знаете е се асфалт и бетон. Веднаш ова да се санира, тука поминуваат и пешаци и возила кои имаат погоре викендички. Да се преземат мерки за да не се случи најлошото“, додава друг жител на Тетово.

Минатиот месец кон рекреативното место Бањиче долж реката Пена наспроти хидроцентралата се изгради потпорен ѕид во должина од 120 метри и висина од 4,50 метри. Целта е спречување на ерозивни процеси долж овој патен правец кои беа се почести изминативе неколку години после секој пороен дожд.

Но и на повеќе места долж патот на одредени места се уште се појавуваат ерозивни процеси.

Патот и пешачката зона кон Бањиче беа обновени и проширени пред пет години. Уште тогаш геолозите предупредуваа дека делницата се проширува на сметка на планината со многу стрмни косини, што може да предизвика ерозивни процеси.

За само една година тоа и се случи. На патот постојано паѓаа одрони, а теренот од можни свлечишта беше заштитен на неколку места со мали потпорни ѕидови.

Претходната локална самоуправа на најризичните места направија т.н. каскадни системи, со цел да се заштити пределот од ерозивни процеси. Но овие зафати не се покажаа како ефективни. Токму на местата на каскадните системи, се појавуваа големи свлечишта.

Извор и Фото СП