Децата на печалбарите дојдени во полошко чести пациенти со наоди на белите дробови

0
152

Проблемот со аерозагадувањето во Тетово од година вгодина се ублажува.

Имаме се помалку денови на загаден воздух во годината, но, за разлика од западно-европските земји каде прагот на штетните ПМ10 честички е поставен на 25 наместо на 50 микрограми на метар кубен како кај нас, Македонија се уште е на црната листа со високи концетрации на штетни ПМ 10 честички, велат здравствените работници, објави СП.

Доктор Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија вработен во Центарот за јавно здравје Тетово, вели дека огревното дрво е изворот број еден за големото аерозагадување во Тетово. Субвенциите за пелети и клима уреди ги даде очекуваните резултати, но се уште мнозинството на граѓаните за време на грејната сезона кога воздухот е најзагаден користат печки на дрва.

„Според СЗО главен еколошки фактор кој влијае на здравјето на населението е аерозагадувањето. Ги добивме резултатите за градот Тетово кој долго време беше на водечко место според загадувањето, сега состојбата се подобрува што не треба да ни биде утеха оти се уште вредностите се над тие целни вредности кои за населението би биле бенефит и по однос на концетрациите и по однос деновите на загаден воздух. Дури имаме и подобри вредности во однос на тоа кога бевме затворени дома поради пандемијата. Ефектите од акциите кои што беа за субвенционирање на пелети и инвертери даваат резултати. Знаеме дека населението во Тетово се грее над 70 % од нив на цврсто гориво, односно на дрва и поради тоа имаме резултати кога имаме високи концетрации на штетни честички кога започнува грејната сезона, а во лето имаме пик на загадување кога доаѓаат печалбарите, затоа на второ место како извор на загадувањето го ставаме сообраќајот, потоа следува градежништвото.“, вели доктор Давидовски.

И најмала концетрација на ПМ десет честички може да предизвика серизни проблеми, затоа на проблемот со аерозагадувањето треба да се има посериозен пристап. Состојбата се подобрува, но споредбено со земјите од Европска Унија сме на дното. Луѓето од европските земји не се навикната да дишат ваков воздух, кој веднаш реагира и го нарушува нивното здравје.

„Во разговор со мои колеги добив информација дека во овој период од годината особено кај децата од печалбарите се забележува бронхит, кој за среќа не оди со висока температура. Очигледно тие во европските земји дишат многу почист воздух и тука кога доаѓаат се појавуваат тие наоди на белите дробови оти тие се ризична група.Ризична група се децата оти имаат мали дишни патиша, а преку крвоткот секоја клетка е нападната и ризични се бремените и старите жени, затоа тие не треба излегуваат кога е загадено и да ги избегнуваат прометните улици, рече доктор Давидовски.

Во текот на 2023 година имало 89 денови со загаден воздух, односно надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ10 на метар кубен, покажуваат сите 12 месечни извештаи на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух за Тетово. Во една календарска година според светските здравствени стандарди не треба да има повеќе од 35 денови со загаден воздух.

Од друга страна, изминатата година е четврта по ред како опаѓа бројот на денови кога имало аерозагадување. Во 2022 година биле загадени 108 денови, во 2021 имало 132 денови со загаден воздух, а во 2020 година од 366 денови 138 биле со загаден воздух во Тетово. Тетовци најмногу се соочуваа со загадениот воздух во 2015 година со оглед дека од 365 денови дури во 350 имало високо присуство на штетните ПМ10 честички.

Во текот на 2023 година најзагадени месеци биле февруари и декември со по 21 ден надминување на концентрациите на ПМ10, во јануари 18, ноември 12. Април, мај и јуни поминале без ниту еден ден со аерозагадување, додека во јули и август имало само по еден ден кога имало повеќе од 50 ПМ10.

Во 2023 година автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентален воздух покажала дека нема ниту еден ден со надминување на среднодневните концентрации на сулфур двооксид (SO2), јаглерод моноксид (CO) како и азот двооксид (NO2).

Извор СП