Претседавањето со ОБСЕ успешно завршена мисија, Скопје на мапата на светската дипломатија

0
125

Претседавањето со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) – најголемата регионална безбедносна организација е настанот кој ја одбележа надворешната политика на Северна Македонија во 2023 година. Круната на успехот беше организацијата на Министерскиот совет на ОБСЕ на 30 ноември и 1 декември, а надминување на кризата, решавачка за опстанок на организацијата, го стави Скопје на мапата на светската дипломатија.

Министерот за надворешни работи на РСМ Бујар Османи денеска на фејсбук им се заблагодари на сите шефови на делегации присутни на денешниот 30-ти Министерски совет на ОБСЕ.
Во двата, односно трите дена во главниот град на државата пристигнаа шефови на дипломатии и високи претставници од над 70 земји членки и земји партнери на организацијата, меѓу кои и шефовите на дипломатиите на САД и на Русија, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров. Иако двајцата не се сретнаа, нивното присуство му даде посебна тежина на Министерскиот состанок. По неколку неуспешни обиди отпадна кандидатурата на Естонија за претседавач на ОБСЕ поради блокадата од страна на Русија и Белорусија. Со посредство на македонското претседавање беше постигнат договорот за избор на нов претседавач. Консензусот околу одлуките за изборот на Малта за претседавач за 2024 година и продолжувањето на мандатот на генералниот секретар и на челниците на институциите во рамки на Организацијата, беше клучен за одржување на организацијата во функција.

На завршната прес-конференцијата на Министерскиот совет во Скопје, Османи порача дека Организацијата е спасена и може да продолжи да функционира.

Завршна прес-конференција од 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, на кој ќе се обратат досегашниот претседавач, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи, идни
-Одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје во најтурбулентните времиња и предизвици на отворена војна и човечко страдање е историски и револуционерен потег, потенцираше Османи при тоа оценувајќи дека ова е историски најголемиот политички настан кој е одржан во државата.

Главните пораки што беа испратени од Скопје е дека ОБСЕ е живо, а неговата вредност е во тоа колку повеќе се користи за надминување на несогласувањата. Блокадата или непочитувањето на принципите на Организацијата е директна закана кон нејзините основни вредности за кои се заложува уште од 1975 година. Европските лидери ја осудија руската агресија врз Украина и упатија силна поддршка за украинскиот народ, а дел од нив ја напуштија салата за време на обраќањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Тој, пак, во своето обраќање рече дека она што моментално се случува во ОБСЕ не е вистинскиот начин на кој треба да се третираат европските безбедносни прашања. Пред учесниците на Министерскиот совет, Лавров наведе дека западните престолнини постапуваат така што го поткопуваат работењето на ОБСЕ.

Шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ на приемот по повод одбележувањето на завршувањето на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, уште еднаш го подвлече придонесот на земјава за опстанокот на Организацијата која брои 57 земји членки и земји партнери од Медитеранот и Азија.

-Докажавме пред целиот свет дека поседуваме политички и практичен капацитет, професионалност и посветеност, кои кулминираа со организацијата на 30-от Министерски совет. Со донесените одлуки го остваривме планот кој го зацртавме на почетокот на Претседавањето – дадовме огромен придонес во обезбедувањето на функционалноста на ОБСЕ. Нашето претседавање беше фокусирано на луѓето, а работевме со посветеност на идејата дека ОБСЕ може да го унапреди и зачува сето она што луѓето најмногу го ценат – нивните права, нивната слобода и нивното достоинство, подвлече Османи.

Приоритетите на претседавањето

Северна Македонија официјално го започна претседавањето со ОБСЕ од 1 јануари 2023 година, под слоганот „За луѓето се работи“. Во услови на регионална и глобална несигурност и нестабилност фокусот на претседавањето беше ставен на теренските мисии, односно преземање конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи, како и на војната во Украина, која ја посети три пати.

Освен фокусот врз кризните региони, и пред сè, руската воена агресија врз Украина, приоритетите на Северна Македонија како претседавач беа реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот и довербата, како и инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици.

Северна Македонија досега многу пати го покажала својот капацитет, дека преку политички дијалог, демократски средства и демократско владеење ги остварува своите цели како на домашен, така и на меѓународен план. Сега имаме можност со таа наша зрелост и знаење да бидеме клучен играч, да ги водиме и да придонесуваме за меѓународните политики и процеси, најави на почетокот од претседавањето Османи.

Во текот на едногодишното претседавање со ОБСЕ пристапот на Северна Македонија беше повеќеслоен и фокусиран на јасна посветеност кон луѓето од Украина и другите региони погодени од конфликти и поддршка на засегнатото население и на институциите. Секако и на теренските операции на ОБСЕ и нивна поддршка да продолжат да придонесуваат за подобрување на животот на луѓето и промоција на капацитетите и алатките на ОБСЕ како единствена платформа за дијалог.

Министерот Османи во својство на преседавач оствари 12 посети на теренските операции на ОБСЕ во Украина, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Молдавија, Грузија, Азербејџан, Ерменија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Казахстан, Узбекистан и во Туркменистан.

-Додека приоритет ѝ беше даден на Украина и на решавањето на последиците од руската воена агресија, ние имавме за цел да ја одржиме доследноста на нашите принципи низ целиот регион на ОБСЕ, со посебен фокус на долготрајните конфликти, зголемените тензии и нивните последици врз луѓето, како и ставање на располагање на алатките на ОБСЕ на оние кои имаат потреба од нив, изјави Османи.

По избувнувањето на судирите во Нагорно Карабах во текот на септември, лани, тој како претседавач на ОБСЕ понуди помош на Ерменија и Азербејџан на патот кон мирот, на одвоените средби со министрите за надворешни работи на двете земји. Средбите со шефовите на дипломатиите на Ерменија и Азербејџан, Арарат Мирзојан и Џејхун Бајрамов, се одржаа на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, откако Азербејџан почна воени операции против ерменските сили.

-ОБСЕ поседува потребно искуство, експертиза и алатки за олеснување на дијалогот и градењето доверба и спроведување на релевантните договори, порача Османи тогаш повикувајќи на итна деескалација, потенцирајќи дека употребата на сила за решавање на споровите е целосно неприфатлива.

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни равоти на Северна Македонија Бујар Османи, за време посетата на Азербејџан ја истакна својата и поддршката од Организацијата за мирно, сеопфатно
По инцидентот во Бањска на северот на Косово шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ, презентираше план од девет точки кој би требало да помогне за деескалација на состојбата во тој дел и за враќање на мирот. Планот што министерот Османи го објави на социјалните мрежи меѓу другото, предвидуваше градоначалниците да поднесат оставки до летото, 2023 година со што ќе се отвори патот за предвремени општински избори кои би се одржале истата година. Во тој контекст ОБСЕ би го поддржал изборниот процес преку техничка поддршка на косовските власти кои ќе ги организираат изборите, со тоа зајакнувајќи ја довербата меѓу заедниците, би ги ангажирал младите во програмите и процесите за помирување и би ги ставил на располагање своите капацитети за поддршка на имплементацијата со добра волја од двете страни на одредбите од основниот договор и Охридскиот протокол, и продолжување на дијалогот.

-Од суштинско значење е сите страни да работат на мир и јас ги повикав да го сторат тоа! ОБСЕ понуди и е подготвен да помогне врз основа на барање, порача тогаш Османи.

Покрај теренските посети, во текот на 2023 година беа одржани и голем број конференции посветени на темите истакнати како приоритети во Програмата на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ како адресирање на анти-семитизмот, економските и климатските предизвици во регионот на ОБСЕ, родова еднаквост, човекови права, младите и нивната иднина и други теми од клучно значење за Организацијата и земјите-учеснички.

За пофокусиран пристап во адресирањето на овие прашања, Османи како претседавач назначи и свои Специјални претставници за млади, граѓанско општество и за климатски промени чија цел, беше да се интегрираат различни перспективи кои ќе служат како извор на различни пристапи, кои би можеле да придонесат за добро, одговорно владеење и севкупен општествен напредок за доброто на луѓето…

-Во текот на изминатата година на Претседавање со ОБСЕ, Северна Македонија цврсто ги почитуваше принципите и заложбите на ОБСЕ се со цел како земја да дадеме придонес кон мирот и безбедноста и преку нашето автентично искуство низ децениите да дадеме помош и поддршка на оние на кои им е најпотребно посредување и разбирање во решавањето на нивните проблеми, потенцира во видео-пораката Османи во која ги сумираше своите активности како претседавач.