Ахмети не прифати, Османи ќе биде фаворитот на ДУИ за шеф на државата?

0
135

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска преку Фејсбук ќе го објави претседателскиот кандидат со кој партијата ќе ја трча изборната трка за шеф на државата. Висок функционер од ДУИ за „Слободен печат“ брифира дека изборниот адут на Ахмети за кандидат за шеф на државата ќе биде министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи.

Останува неизвесно дали владините партнери СДСМ и ДУИ ќе се договорат за заеднички листи на парламентарните избори, бидејќи расположението во ДУИ е за самостоен настап или во коалиција со ДПА, со партиите на Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи и евентуално со Алијансата за Албанците на Зијадин Села.

Поддршката за Стево Пендаровски од ДУИ ќе се бара во вториот изборен круг

Како што веќе објавивме, откако ДУИ најави свој претседателски кандидат, СДСМ поддршката за својот кандидат за шеф на државата, кој најверојатно ќе биде Стево Пендаровски, од ДУИ ќе ја бара во вториот изборен круг.

„Ве известуваме дека утре, со почеток во 11 часот, Али Ахмети ќе им се обрати на граѓаните преку директен пренос на неговата страница на социјалната мрежа Фејсбук за да ја соопшти големата вест“, се вели во вчерашната објава која безмалку сите функционери на ДУИ ја споделуваа на социјалните мрежи.

Откако сопартијците не го убедија лидерот Ахмети да влезе во директна трка со опозицискиот кандидат на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, претседателската битка во албанскиот политички блок најверојатно ќе ја водат двајца лекари – Османи и Таравари. Аргументите за кандидатурата на Османи се успешното претседавање со ОБСЕ.

Ковачевски: Разговори и со партии кои традиционално не се дел од коалицијата

Информацијата на „Слободен печат“ дека СДСМ прави напори за заеднички настап со ДУИ на парламентарните избори, ја потврди партискиот лидер Димитар Ковачевски. Тој изјави дека се во тек разговори со коалициските партнери, но и дека ќе има разговори и со партии кои традиционално не се дел од коалицијата, а се дел од владините партнери.

– Тоа се партии со кои немаме преговори, меѓутоа, може да има разговори врз основа на анализи што во моментов се прават врз база на емпириски истражувања и врз основа на сондирање на расположението на членството да биде во коалиција со одредена партија. Се работи за партии кои се во владината коалиција со СДСМ, но кои не биле на заедничките листи на последните избори во 2020 година – рече Ковачевски.

Тој додаде дека СДСМ ќе има кандидатски листи во сите изборни единици.

– Не знам ДУИ што прават, тоа е нивна работа, но СДСМ ќе има кандидатски листи во сите изборни единици – додаде лидерот на СДСМ.

Како што веќе објавивме, анализите на СДСМ покажале дека попрагматично е владините партнери да настапат на заеднички листи како Европски фронт, односно дека поради Донтовиот модел на пресметка, тоа ќе им овозможи поголем број пратеници отколку самостојно да одат на изборите.
Неофицијално, за да ги придобие ДУИ и Алијанса на Села за заеднички настап, СДСМ е подготвен тројца носители на листи да бидат од партиите на Ахмети и на Села. Ова би значело ДУИ да има носители во Шестата и во Втората изборна единица, а Села да ја добие Петтата изборна единица. Сепак, ова е помалку возможна варијанта и првата понуда ќе биде СДСМ, ДУИ и Алијанса на Села да одат со т.н. коносители на листи. СДСМ на избори еднаш веќе одеше со коносители на листи, но од својата партија. Ако за ДУИ и за Алијанса на Села ова е прифатливо, тоа ќе значи дека за секоја изборна единица ќе има двајца носители на листи. На пример, во „шестката“ носител да биде Ахмети, со коносител од СДСМ или од Алијанса.

Во ДУИ, пак, приоритет е формирање албански блок наспроти опозицискиот блок „Вреди“ за настап на парламентарните избори. Во тек се разговори со партиите на Хоџа и на Реџепи, а по разврската во Алијанса и со Села за заеднички листи на парламентарните избори. Според ова поизвесна е варијантата ДУИ да ги обедини на заеднички листи ДПА на Мендух Тачи, партиите на Хоџа и на Реџепи и Алијанса на Села, отколку изборен настап како европски фронт со СДСМ.

Извор СП