ВИДЕО | Тетовци поитаа да стават НМК налепници на своите возила, стравуваат од казни, пред станиците гужви

0
241

Во станиците за технички прегледи во Тетово веќе трет ден се ставаат налепници на регистарските таблички на возилата со новата назнака НМК.

ВИДЕО.

Оттаму велат дека интересот на возачите е голем, но налепници имаат во мал број. Очекуваат деновиве што следат да добијат нови.

„Во петокот ни доделија по 150 налепници за старите таблици и по 250 налепници за новите таблици што се со 4 бројки. Интересот од граѓаните е многу голем од петокот и саботата и денеска од сабајле доаѓаат да бараат налепници, но бараат и нови сообраќајни дозволи со новото име на државата. Кога ни ги доделија во петокот налепниците ни кажаа дека ќе има пак налепници“, ни изјавија од една Станица за технички преглед во Тетово.

Од станиците велат дека се создаваат гужви оти им наложиле секое лепење на налепниците да се снима со камера.

„МВР ни достави за старите таблици по 200 и за новите таблици по 200 налепници со НМК и веќе немаме. Граѓаните мислат дека ќе ги казнува полиција, но нема што да се казнува, тие се за надвор од границата, но тие сакаат да стават оти се плашат од казни, бараат налепници. Моментално од МВР чекаме нови налепници. Од полицијата бараат да се снимаат возилата додека ги лепиме налепниците, а со тоа се создава гужва. Мора да дојде возилото да се паркира и да се докаже дека е ставена налепницата и тоа се пред камера“, вели Мирослав Силјановски управител на една станица за технички преглед.

И техничкиот премиер Талат Џафери денеска даваше изјава во врска со документите на граѓаните во кои треба да стои новото име на државата.Тој рече дека изминативе десетина дена се нашол пред многу предизвици, вклучувајќи го и актуелниот предизвик со личните документи.

Истакна дека денеска во Собранието ќе има средба со пратениците, со цел да се изнајде соодветно решение, односно одлука која би била во полза на граѓаните кои го имаат старото име на државата.

Објави С.П.