Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски поднесе кривична против Спасовски и МВР поради обрасците за личните документи

0
171

Партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија поднесе кривична пријава против Оливер Спасовски и против Министерството за внатрешни работи на Македонија. Ова е втора пријава против Спасовски, откако пред шест месеци граѓанката Олгица Трајковска поднесе кривична пријава против Спасовски и Заев за злоупотреба на службената положба и овластување поради неизвршување на службените должности за усогласување на документите од страна на јавната администрација, а за Спасовски и за пречекорување на службените овластувања.

Кривичната пријава се поднесува затоа што во периодот од 12.2.2019 година некаде до средината на 2021 година пријавените вршеле набавка на стари обрасци за издавање официјални лични документи на граѓаните на Република Северна Македонија со тогаш веќе неуставното име на државата, со што овозможиле изработка и издавање официјални лични документи со важност подолга од 12.2.2024 година, иако знаеле дека важноста е до 12.2.2024 година. Во истиот период издавале и официјални лични документи на граѓаните на Република Северна Македонија на обрасци со поранешното име на државата, односно користеле обрасци што не требало да се користат – велат од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Од ЗНАМ наведуваат и дека не биле преземени сите дејства за навремена набавка на соодветни обрасци.

– Понатаму, не ги презеле сите дејства што требало да бидат преземени за навремена набавка на соодветни обрасци за издавање лични документи со уставното име на државата, односно доцнеле со набавката на соодветни обрасци и пропуштиле да презмат соодветни дејства со цел навремено известување на граѓаните на Република Северна Македонија дека рокот на важност на официјалните лични документи издадени на старите обрасци истекува на 12.2.2024 година. Со овие дејства постои основано сомневање дека пријавените ги сториле кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластувањето по член 353 став 1 од Кривичниот законик и несовесно работење во службата по член 353-в од Кривичниот законик“, информираат од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.