Османи – Кулеба: Европската унија е наша заедничка иднина

0
145

Министерот за надворешни работи во техничката Влада Бујар Османи синоќа во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк остварил средба со неговиот украински колега Дмитро Кулеба.

Од Министерството за надворешни работи информираат дека средбата се одржала со цел да и се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на двегодишнината од почетокот на руската агресија.

Османи потенцирал дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина и дека Руската Федерација е закана и за безбедноста на Европа и на Западен Балкан.

– Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме „не” за Русија и „да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија, рекол Османи.

Кулеба, како што информира македонското МНР, упатил благодарност до граѓаните на Северна Македонија за поддршката.

– Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рекол Кулеба.

Двајцата министри имале обраќања пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатиле јасни пораки против руската агресија врз Украина. бак/Фото: МНР .

Извор: МИА