Средба Џафери – Ќучук: Членството во ЕУ останува стратешка цел на С. Македонија

0
118

Премиерот Талат Џафери денеска оствари средба со европратеникот Илхан Ќучук, известител во Европскиот парламент за земјава.

Изразувајќи благодарност за досегашната блиска и активна соработка со европратеникот Ќучук во изминатите четири години, премиерот Џафери го нагласи задоволството од поддршката на Ќучук во промоцијата на европското досие на Северна Македонија во Европскиот парламент и неговиот личен придонес во носењето важни одлуки за земјата. Последен успешен пример во таа насока беше процесот на „Дијалогот Жан Моне“, во рамки на кој се одвиваа разговорите за новиот Деловник на Собранието, кој беше усвоен со консензус од пратениците.

Џафери, истакна дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Република Северна Македонија и цврста заложба на Владата останува исполнувањето на обврските кои се дел од преговарачката рамка со ЕУ.

Џафери и европратеникот Ќучук разменија ставови за постигнатите реформи во државата како и за динамиката на односите на земјите од Западен Балкан со Европската Унија.

Честитајќи му го изборот за претседател на Владата на Џафери, Ќучук истакна дека овој избор е успех не само за Северна Македонија, туку и за регионот, притоа, посочувајќи дека Северна Македонија уште еднаш стана пример и за многу европски земји за успешно функционирање на мултиетничката демократија.

Воедно, нагласи дека земјата и натаму ќе може да смета на неговата поддршка и изрази надеж дека по претстојните избори за пратеници во Европскиот парламент, ќе има можност да продолжи да придонесува за побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ.