Тошковски за Џафери кој упадна во СВР Тетово: Ако ништо друго очекував да се извини

0
571

Секој може да згреши, и премиерот може да згреши, ама очекував да се извини ако ништо друго. Да излезе наредниот ден и да каже – луѓе се извинувам ова што го направив е многу голем фаул, навистина не доликува на еден премиер така да се однесува во ситем каде има хиерархија, каде под него е вработен во рамки на Министерство за внатрешни работи службеник, вели во интервју за МИА министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски, за ненајавената посета на техничкиот премиер Талат Џафери на СВР Тетово.

Жално е, нагласува Тошковски, граѓаните да се сведоци на едно такво девијантно однесување и посочува дека, Џафрери требало да се извини.

„Жално е, жално е, граѓаните да се сведоци на едно такво девијантно однесување јас би го нарекол. Техничкиот премиер сигурен сум дека не знаел која е госпоѓата. Од кај ќе знае? И јас не знаев. Кога го гледав она срамното видео и јас не знаев која е госпоѓата. Но, требаше да има доблест и да излезе пред македонскиот народ, пред македонските граѓани, особено пред колегите во Министерството. Верувајте ми не знаете колку осуди имав тој ден лично до мене од аспект на односот на техничкиот премиер и да каже, луѓе извинете згрешив. Барем тоа можеше да го направи“, вели Тошковски во интервју за МИА.

Техничката Влада, според Тошковски, функционира катастрофално. – Oсновните законски обврски кои што треба да ги почитува, не ги почитува и притоа манипулира, вели Тошковски.

Техничкиот премиер Талат Џафери во петокот беше во ненајавена посета во СВР Тетово и ги посети канцелариите каде што се поднесуваат барања и се врши фотографирање на граѓаните за лични карти, пасоши и возачи дозволи со новото уставно име Република Северна Македонија. Посетата ја следеа дел од медиумите на албански јазик.