БЕКТЕШИ НАЈАВИ МАРЖА ОД 10% ЗА НАД 2.500 ПРОИЗВОДИ, КАЗНИ ЗА ТИЕ КОИ НЕМА ДА ЈА ПОЧИТУВААТ

0
110

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на Светскиот ден за заштита на потрошувачите, рече дека е во Стопанската комора на РСМ е испратена листа на разгледување од 2.500 производи кои треба за половина година да поевтинат во маркетите со ограничувањето на рабатот, по усвојувањето на Законот за забрана на нефер трговските практики.

– Листата е подготвена, над 2500 земјоделски и прехранбени производи е испратена во Стопанската комора. За десет дена ќе имаме фидебек со предлози и сугестии од Стопанската комора, а потоа ние ќе ја усвоиме, по што ќе им биде доставена на производителите, дистрибутерите и трговците за да го усогласат своето работење, рече Бектеши.

Министерот додаде дека тоа се пракси кои се воведуваат во ЕУ и додаде дека законското решение, кое за половина година треба да доведе до поевтинување во маркетите, добило поддршка од опозицијата, од сите политички партии и пратеници во Собранието.

– Имаме практика на инклузивен начин да донесеме решенија. Доволни се десет дена за сугестии. После десет дена, на седница на влада ќе биде усвоена листата и ќе започне примената, рече Бектеши.

Тој додаде дека сите заинтересирани страни може да ја побараат предлог-листата, а на производителите им порача да „не паѓаат на финтите на доминантните трговски ланци за време на вакумот од шест месеци“.
Тој најави и построги мерки доколку се случи и покрај договорот драстично да се зголемат цените.

– Ако имаме големо зголемување на цените, пред сѐ, на прехранбените производи, ќе ѝ предложиме на владата мерки, но верувам дека трговците, посебно големите синџири, ќе бидат општествено одговорни и нема да ги зголемат цените. Ние ќе донесеме мерки во корист на граѓаните. Не би сакал да ги кажам опциите кои би биле преземени, бидејќи тие се носат по направени анализи. Сепак, ќе кажам дека во опција се: замрзнување цени, воведување посебни услови на одредени трговци и затворање на синџири на супермаркети кои би се однесувале спротивно – рече Бектеши.