Бујар Османи ќе иницира рамковен и за економијата, предлог по урнекот на експремиерот Хари Костов

0
128

Рамковниот договор се однесува на пазарната економија, за јавните набавки, за предност на домашните компании, на закрепнувањето на економијата, на даночната политика, домашни и странски инвестиции, инфраструктурата, на борбата против корупцијата, за предвидливо судство итн., вели за „Слободен печат“ висок функционер на ДУИ.

Рамковен договор за економијата ќе понуди претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи како втор столб од неговата програма за избор на шеф на државата. Ова Османи го најави по средбата со Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Според информации од ДУИ, рамковниот за економијата е прифаќање на предлогот на експремиерот и директор на Комерцијална банка, Хари Костов, понуден пред три години, односно на јубилејното одбележување на 20 години од Охридскиот рамковен договор.

– Поканет на ифтар од Стопанската комора на Северозападна Македонија. Еден од столбовите на мојата програма е иницирањето широк консензус за Охридскиот рамковен договор сега за економијата – напиша Османи на Фејсбук.

Бујар Османи – министер за надворешни работи / Фото: Слободен печат/Методи Здравев
Османи не ни одговори што ќе значи рамковен договор за економијата зашто е веќе официјален претседателски кандидат, но висок функционер од ДУИ за „Слободен печат“ вели дека е време за голем општествен и политички рамковен договор за економијата.

– Исто како што направивме договор за внатрешното уредување на државата преку Охридскиот договор, како што направивме за регионалното и за континенталното уредување на односите со соседите и со ЕУ, како што направивме стратешко партнерство со САД, време е за целосна определба и концентрирање на сите напори за рамковен договор за економијата – вели функционерот на ДУИ.

Тој додава дека ДУИ го прифаќа предизвикот на Хари Костов, предложен на 20-годишнината од Рамковниот договор, како и на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и на другите комори, односно на бизнис-заедницата и целосно го интегрираат во изборната програма на ДУИ.

– Рамковниот договор се однесува на пазарната економија, за начинот на спроведување на јавните набавки, за предност на домашните компании, на закрепнувањето на економијата, на даночната политика, домашни и странски инвестиции, инфраструктурата, на борбата против корупцијата и организираниот криминал, за предвидливо судство во согласност со законите, а не според моќта, за департизација и деполитизација на економијата – вели за „Слободен печат“ висок функционер на ДУИ.

Што предложи Костов

Костов на дведеценискиот јубилеј од потпишувањето на Рамковниот договор, на конференцијата „По Охрид“, освен критиките, им предложи на партиите да потпишат рамковен договор за економски реформи што би се спроведувале независно кој е на власт. Според предлогот на Костов, во договорот би биле вклучени и претставници од науката и бизнисот, а би се опфатиле повеќе сфери, меѓу кои задолженоста на државата и нејзино сведување во подносливи рамки, како и рационализација на државната администрација. Тој тогаш предложи да се формира фискален совет со учество на експерти.

– Борбата против корупцијата и организираниот криминал во земјава достигна таков степен и толеранција меѓу населението, што не помагаат ниту некакви годишни програми, ниту назначувања функционери. Како што би рекол еден мој пријател, 30 години се вртиме во еден маѓепсан круг на големи очекувања од секоја промена на власта и потоа брзи разочарувања, отсуство на вистински економски реформи и гол популизам, се поголема корупција, партизација и поделеност на народот и општеството – рече тогаш Костов.

Според него, уште долго ќе продолжиме да се вртиме во маѓепсаниот круг, сè додека не се освестиме за вистинските обврски кон народот, а особено спрема младите.

– Ако е точна констатацијата дека Охридскиот договор е веќе исполнет, тогаш политичките партии во државава треба да склучат нов рамковен или само договор – за економските реформи, политики и мерки што треба да се спроведуваат во наредните најмалку десетина години, во соработка со науката и бизнисот. Новиот рамковен би значел договор меѓу сите релевантни политички партии со учество на науката и бизнисот за мерки за кои ќе постои согласност дека ќе мора да применуваат независно кој ќе биде на власт – рече тогаш Костов.

Експремиерот и банкар тогаш изрази скептицизам дека партиите ќе имаат слух за неговиот предлог, бидејќи се толку поделени и спротивставени што не можат да постигнат согласност или консензус за речиси ниту една мерка, ниту „за тоа на која страна изгрева и заоѓа сонцето“.