МАКЕДОНЦИ, ДАЛИ СТЕ СРЕЌНИ? Објавена листата на најсреќните земји во светот – КАДЕ СМЕ НИЕ?

0
78

Финска го обезбеди првото место меѓу најсреќните земји во светот седма година по ред, се вели во извештајот на Мрежата за одржливи решенија за развој, под покровителство на Обединетите нации. Македонија е на 84-то место, додека младите под 30 години во земјава се нешто посреќни и се наоѓаат на 67-то место.

Што се однесува на земјите од поранешна Југославија и регионот, Словенија е на 21. место, Косово е на 29., Србија е на 37. место, Хрватска е на 63., Грција на 64., БиХ на 65, Црна Гора на 76., Бугарија на 81 место, Албанија на 87., а Турција на 98.

На врвот на глобалното рангирање покрај Финска се и другите скандинавските земји, Данска, Исланд и Шведска. Меѓу водечките сили во ЕУ, Германија е на 24 место, а Франција на 27 место. За прв пат по повеќе од 10 години, САД и Германија не се меѓу првите 20 најсреќни нации, паѓајќи на 23-то и 24-то место. Франција се најде на 27 место.

На другиот крај на скалата е Авганистан, кој среде хуманитарна катастрофа по враќањето на Талибанците на власт во 2020 година, се најде на последно место од 143 земји со оценка 1,7. Најголем пад на индексот на среќата од 2006 до 2010 година, покрај Авганистан, имаат Либан и Јордан, додека најголем раст е забележан во Србија, Бугарија и Латвија.

Во топ 20 се најдоа Костарика и Кувајт, кои ги зазедоа дванаесеттото и тринаесеттото место, а ниту една од најнаселените земји во светот не е меѓу првите 20 земји.

„Меѓу првите десет, само Холандија и Австралија имаат повеќе од 15 милиони жители, а меѓу првите дваесет само Канада и Велика Британија имаат повеќе од 30 милиони“, се вели во извештајот.

Годинешниот извештај за Светскиот индекс на среќа, кој беше покренат во 2012 година како поддршка на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, се заснова на податоци од американската компанија за истражување на пазарот Галуп и е објавен од Мрежата за решенија за одржлив развој на Обединетите нации. Се заснова на проценката на луѓето за нивната среќа, како и податоци за економските и социјалните услови.

Од жителите на 143 земји и региони се бара да го оценат своето задоволство од животот на скала од нула до 10. Извештајот, исто така, зема предвид шест клучни фактори: социјална поддршка, приход, здравје, слобода, благосостојба и недостиг на корупција.