Ново обвинение за струшкиот градоначалник Мерко, ќе се гони за несовесно работење

0
112

Незаконски именувал в.д. директор на основно училиште во село Лабуништа пред две години, второ обвинение против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Според обинението, Мерко постапил несовесно при именување на вд директор кој потоа 19 месеци земла плата, поради што била нанесена штета на училиштето.

– Обвинетиот, како службено лице – градоначалник на општината Струга на 31.01.2022 година, ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа. Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот,- велат од ОЈО.

Во рокот од дваесет дена обвинителството поднесе две обвиненија за струшкиот градоначлалник-за набавка на автомобил „Ауди“ кој вреди близу 70 илјади евра, а второто за непрописно поставување директор на основно училиште.

За разлика од овие две обвиненија, крупните предмтети за Мерко се уште чекаат епилог, во фиоките. Но во меѓувреме од 30 предмети –14 се затворени поради новиот Кривичен законик а 16 се уште се активни.

И покрај неколкуте обиди да воспоставиме контакт за да добиеме став, струшкиот градоначалник не возврати на нашите повици.

Овие две обвиненија за Мерко следат откако американските власти во јуни, минатата година, го ставија на црната листа на САД со образложение за вмешаноста во значителна корупција. Додека ја извршувал функцијата градоначалник на Струга, Мерко присвојувал средства и се мешашал во судските и во другите јавни процеси, нанесувајќи штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери, стоеше во соопштението од Стејт департментот.

По ставањето на црната листа на САД, Рамиз Мерко се повлече од партиските функции но не и од градоначалничката фотелја. Кривичниот законик, за набавка на „Аудито“ на Рамиз Мерко, предвидува казна затвор од една до пет години, а за делото за непрописно поставување директор на основно училиште, казна затвор од три месеци до три години.

Извор 24 вести