Тетовските пензионери со еколошка акција: Сакаме да бидеме пример, да го зачуваме тоа што остана од „бетонскиот град“

0
197

Денеска тетовските пензионери организираа еколошка акција по повод Денот на екологија. Засадуваа цвеќиња во дворот на Здружението на пензионери Тетово, а потоа со метлите и корпите во раце метеа и собираа смет по околните улици. Велат дека сакаат да бидат пример, особено за младите за важноста на животната средина.

„Ние организираме чистење на улици и засадување на цвеќиња, за да дадеме еден добар пример за почиста животна средина. Нас не ни доаѓаат од другите градови тука, ние ги создаваме овие депонии. Мора сите да внимаваме да можеме нормално да дишиме и шетаме“, рече Селвер Мемети претседател на Здружението на пензионери Тетово.

„За екологијата има органи кои треба да се грижат. Ние оваа акција ја преземаме да им кажеме на младите како ние како стари лица се грижиме за екологијата. Ние живееме тука, ако немаме хигиена немаме добар живот“, рече пензионерот Авдил Ислами.

Здружението на пензионери Тетово е едно од поголемите во државата. Но, градот под Шара е еден од градовите пак кој не нуди никакви услови за прошетка и релаксирање на тетовските пензионери. Велат дека Тетово е непрепознатлив во споредба со пред две децении, градот е буквално претворен во бетонска џунгла. Надлежните мора повеќе да обрнат внимание на проширување, а не намалување на зелените површини

„По повод Денот на екологија ние организираме акција за чистење не само на нашиот двор, туку и на улиците и другите јавни површини. Гледаме на негрижа на населението за екологијата. Што се однесува за место за прошетка и одмор, за жал Тетово се претвори во една бетонска територија каде што тие зеленила кои ги имаше во минатото, се претворија во градби. Ние создадовме минимални услови да го уредиме нашето дворче, поставивме и клупи, но рак рана на тој дел е локацијата за контејнерите кои се до паркот и тие создаваат смрдеа, дека сметот не се собира редовно и пензионерите не можат да уживаат во овој амбиент. Апелирам локалната самоуправа да се залага да создаде места, каде пензионерите ќе можат да го поминат времето на чисто место. Замолуваме да водат сметка за екологијата“, рече пензионерот Мирко Јовчески.

Во Тетово и тие мали зелени површини кои останаа од некогашниот спортски центар не се оддржуваат. Тревниците се запустени и обраснати со трева и преполни со разни отпадоци.

Извор СП