Полициска акција: Уапсени 17 припадници на затворската полиција поради поврзаност со бегство на затвореник

0
65

Приведени се 17 припадници на затворската полиција на најголемиот затвор Идризово поради поврзаност со бегство на затвореник. Од обвинителството велат дека апсењето е поврзано со бегство на затвореник кој бил носен во приватна болница на лекување.

Обвинителството соопшти дека затвореникот надвор од правилата бил носен на наводни лекарски интервенции од каде излегувал и се шетал по Скопје, додека затворските полицајци го чекале во болничкиот апартман, сами без да го пријават оддалечувањето на осуденикот од Идризово.

Според официјалните информации на ОЈО ГОКК, за шестмина од осомничените е отворена истрага и се бара да им биде одреден притвор. Против преостанатите 11 нивни колеги постапката е сè уште во фаза на предистрага и за нив надлежен јавен обвинител предложил до Судот да им одреди мерки на претпазливост.

„На 26.10.2023 година во приватна здравствена установа во Скопје, петмината осомничени – затворски полицајци при КПД Идризово Скопје, како група, со умисла помогнати од шестиот осомничен затворски полицаец – приправник, овозможиле бегство на лице осудено за кривично дело „Убиство“. Додека осуденото лице било на медицински третман, согласно прописите било обезбедувано од затворската полиција. Критичниот ден со придружба на двајца осомничени затворски полицајци, лицето се упатило во просторијата за пушење во непосредна близина на болницата. Таму, заедно со придружбата поминало околу половина час, по што осомничените затворски службеници заминале, овозможувајќи му на осуденикот да излезе од просторијата и со патничко возило да се даде во бегство.“ – пишува во соопштението на Јавното обвинителство на РСМ.