Единаесет лица работеле без важечки договор, дел од нив и без соодветно образование – вонреден инспекциски надзор на ДЗСИ на Токсикологија

0
41

Единаесет лица работеле спротивно на законот, без договор за вработување, а медицинскиот и економскиот директор не ги извршувале соодветно надлежностите од заедничка природа – ова се само дел од неправилностите кои ги утврдил здравствениот инспекторат на Универзитетската клиника за токсикологија, по вчерашниот скандал и обвинувања помеѓу вработените.

Од инспекторатот велат дека издадени се решенија за преземање на мерки и во рок од пет дена повторно ќе следи контрола на клиниката.

„Здравствени услуги да се укажуваат од страна на здравствените работници и соработници со важечки договори за вработување согласно закон, здравствените услуги да ги вршат исклучиво здравствени работници кои имаат образование согласно закон, а медицинскиот и организацискиот директор непречено да ги извршуваат своите должности од самостојна, а особено од заедничка надлежност согласно закон и управниот одбор на клиниката да одлучува во временски рок согласно закон при непотпишување акти на еден од двајцата директори кои се во заедничка надлежност.“ – вели Рената Младеновска директорка на ДЗСИ.

По вчерашниот скандал контрола врз клиниката ќе врши и трудовиот инспекторат. Од министерството за здравство пак нема одговор дали медицинскиот директор на клиниката е веќе разрешен како што беше најавено, ниту дали ќе извршат контрола врз работата на економската директорка. Оттаму денеска соопштија дека ги чекаат извештаите од инспекторатите и откако ќе ги добијат ќе постапат согласно законските прописи.