За еден фрижидер да заврши на депонија тетовските комуналци бараат 100 евра

0
1863

Неодамна Јавното комунално претпријатие Тетово започна да врши услуга, собирање и транспортирање на интертниот отпад од домаќинствата како градежен шут, стар мебел, бела техника и слично.

Досега истиот завршуваше на јавни површини, загадувајќи ја природата, особено реките во полошко каде и граѓаните најчесто се ослободуваа од овој отпад.

Од Општината велат дека проблемот е надминат, секој кој сака да го фрли интерниот отпад слободно треба да се обрати до ЈКП Тетово.

И додека тетовските инспектори започнаа со засилени контроли и казни за фрлање интертен отпад на несодветни места, од Општината ги повикаа граѓаните да ја користат воведената услуга на комуналното претпријатие за подигање ваков вид отпад.

„Ги идентификуваме сите кршители на законот и нема да има толеранција, ќе постапиме според законот. Досега реагираа дека немаме кај да ги носиме, сега нема потреба никаде да ги носат. Од ЈКП ќе одат до дома да ги земат, но ако ги фатиме ако фрлаат каде што не е место ќе има и казни“ изјави Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово.

Дел од граѓаните велат дека не се запознаени со ваквата комунална услуга, некои пак ја поздравуваат и велат дека имале потреба од неа, но не ја искористиле оти е прескапа.

„Овој метод требаше одамна да се воведе, но моменталната ситуација не е нормална според мене. Се јавив пред некој ден до ЈКП Тетово и им реков да ми земат еден фрижидер да го однесат во некоја соодветна депонија, тие ми велат таа услуга ќе те чини 100 евра. Сега замислите јас да треба да реновирам и да сакам да купам нов мебел и техника, па повеќе ќе се потрошам за да се ослободам од стариот мебел, отколку да купам нов, вели еден жител на Тетово.

Слободен Печат.