Пробен попис од 10 до 30 јуни

0
274

 

Од 10 до 30 јуни во Македонија ќе се спроведува пробен попис во 13 општини. Една од нив е и Прилеп каде денеска беа присутни претставници на Државниот Завод за статистика. Овој пробен попис требало да претставува еден вид симулација на главниот попис кој треба да се одржи во април идната година. Со него ќе се провереле како функционираат сите инструменти за успешно спроведување на оваа најголема статистичка операција.

„Тоа нам ќе ни послужи да видиме дали сме на вистинскиот пат, што треба да се подобри, што треба да се корегира, за да можеме следната година да бидеме сериозно, професионално подготвени за успешно спроведување на таа навистина најголема статистичка операција“, истакна Јасмина Ѓорѓиева, коордиинатор на Секторот за дисеминација и односи со јавност.

Од Заводот за статистика ги повикуваат граѓаните со доверба да ги примат попишувачите за да на таков начин помогнат околу реализирање на пописот. Основен услов за да се попише некој било тоа да покаже документ на кој ќе биде неговиот матичен број.

„Исто една од новините е што овој пат ќе се попишуваат и лицата кои се иселени во странство. Затоа апелирам до граѓаните кои се опфатени во пописните кругови за пробниот попис, а и следната година за главниот попис, доколку имаат лица од семејството кои се надвор во странство, ако можат да обезбедат матични броеви, во тој случај ќе можат и нив да ги попишат“, додаде Ѓорѓиева.

За оние пак кои се во странство, за главниот попис следната година било предвидено и самопишување, преку електронска веб апликација. Резултатите од овој пробен попис нема да бидат објавени никаде, тие ќе користеле само за потребите на Заводот. Инаку освен во Прилеп пробниот попис ќе биде спроведен и во Кисела Вода, Зелениково, Гостивар, Кичево, Струга, Долнени, Свети Николе, Радовиш, Валандово, Куманово, Кратово и Штип./сител/