ЗА ШЕСТМИНА ПОВРЗАНИ СО ГРАБЕЖОТ НА ДВА ТОНА МАРИХУАНА ОДРЕДЕН ПРИТВОР – ЗАД РЕШЕТКИ САМО ДВАЈЦА

0
156

Чисто“ досие има „Херб индустри“, фирмата од каде што се украдени два тона марихуана. Без забелешки за одгледувањето, начинот на чување на плантажите поминал последниот инспекциски надзор.

ТВ24 ги побара податоците од министерството за здравство за оваа компанија која ја водат петмина бизнисмени, откако се отвори сомнеж дали има пропусти во начинот на кој се чува и управува овој милионски бизнис. Јули 2020 е датумот кога е составен последниот записник.

– Заведено е дека објектот каде се одгледува марихуана за медицински цели е со обезбедување,а лицата кои се затекнати на лице место, сите се вработени во Компанијата, односно нивните работни позиции се утврдени претходно од страна на Комисијата. Во објектот наменет за одгледување, во пластениците има процес на вегетација која за два месеца се очекува да цвета. велат од Министерството за здравство.

Љубиша Стојков, Перо Шумкаров, Марјан Јовев, Горјан Ангов се партнерите кои во јули 2018-та се впишуваат како сопственици на Херб Индустри цо Централен регистар. Една година потоа, мај 2019-та добиваат лиценца за да одгледуваат канабис од кој се произведува масло за медицински цели. Ниту еден од нив не сака јавно да проговори за кражбата. Анонимно еден од сопствениците потврди дека биле ограбени и дека „пленот“ чинел околу 6 милиони евра. На црниот пазар може да чини неколкукратно повеќе велат упатените од оваа област. Костадин Дуковски од здружението Макканабис вели дека цената зависи од квалитетот и начинот на кој била одгледувана марихуаната.

– Цената ја одредува концентрацијата и квалитетот на билката. Може да кошта сто евра кило и три илјади евра кило. Тој херб индустри не е членка на здружението и не знам каква херба има одгледувано. На црниот пазар би можелода помине, они не проверуваат што е квалитет и сите мислат канабис е ама не знаат каква форма. – вели Костадин Дукоски – Макканабис.

Каде завршиле еден тон и седумстотини килограми од украдената марихуана не е познато.Полицијата при претресите во Арачиново и Мојанце пронајде само 270 килограми, или „десетинка“ од целата количина складирана во валандовско. Вештачањата треба да утврдат дали со сигурност се работи за истата марихуана. Исто како што не се знае кои се лицата кои го извршиле филмскиот грабеж, со врзување на единствениот чувар и незабележано ја донеле пратката на Кванташки во Скопје. Двајца од сценаристите на грабежот се веќе во притвор, останатите шестмина ги бара полицијата.

Оваа невообичаена кражба ќе влијае на целата слика за Македонија која е нова во овој бизнис и се стреми кон извоз на поголеми количини, порачуваат експертите. Државата итно да прецизира како ќе се обезбедуваат објектите, а до тогаш производителите мора да го подигнат нивото на обезбедување на плантажите, бидејќи ќе стануваат се почесто мета на криминални структури, порачува Дукоски.

Лиценцирани се 59 компании за производство на марихуана, велат најсвежите податоци од здравство. Во овие четири години една фирма „Куалити груп“ останала без лиценца поради лоши услови на чување.

24 вести