Мемети: Ќе се зголемува минималната плата, а за мизерните пензии од 10.000 денари никој не спомнува

0
119

Мора под итно да се регулира со закон минималната пензија бидејќи пензионерите со најниски пензии во време на инфлација не можат ниту една недела од месецот да поминат, вели Селвер Мемети претседател на Здружението на пензионери Тетово.

Додава дека за барањата од здруженијата ширум земјава кои пензионерите ги упатуваа и од протестите за линеарно покачување на пензиите и минимална пензија од институциите се уште немаат повратен одговор.

„Јас би рекол дека со закон треба да се регулира, не да се бара помош туку да се регулира со закон минималната пензија и да се предвиди во законот ставка да се добие достоинствена пензија. Власта ги заборави пензионерите, тие кои што сме ги гласале пратениците од нив никој не се појави да каже еве ве подржуваме. Ние сме ги барале пратениците да се одржи седница за да се донесе закон каде што ќе се изгласа линеарно зголемување на пензиите, сите тие кои имаат повисоки пензии тоа го подржуваат оти тие со ваквиот предлог се солидарни со пензионерите кои имаат ниски пензии, за да можат и тие да имаат нормален живот. Ние бараме 5.000 денари линеарно зголемување и минимална пензија од 18.000 денари“, вели Селвер Мемети претседател на Здружението на пензионери Тетово.

Тој дополнува дека пензионерите од цела држава едвај врзуваат крај со крај, но повеќе од лоша е состојбата во тетовско, каде голем број од пензионерите земаат пензија и од 10.000 денари

„Сега замислите просечната пензија е под минималната плата, а минималната плата ќе се зголеми за 2 300 денари, а ништо не се спомнува за минималните пензии и за пензионерите, само еднаш слушнав од премиерот дека ќе биде регулирано со закон, кога ќе биде регулирано со закон, тоа никој не го кажува. Значи и просечната пензија е жалосно да биде под минималната плата. Има во Тетово пензионери кои земаат 10.000 денари оти работеле во текстилни индустрии каде се земало ниски плати. Ние како здружение нудиме помош два пати во годината со сума од околу 1. 500.000 денари. Тоа го доделуваме пред празници за да можат и тие пензионери со ниски пензии да имаат нешто на нивната трпеза. Доделуваме по 2.000 денари пред Вилигден и Бајрам и вачуери за маркети, се трудиме на секаков начин да им помогнеме, но важно е институциите да помогаат и да обезбедат достоинствен живот за пензинерите“, вели Селвер Мемети.

Тетовските пензионери велат дека нема да се откажат од нивните барања, протестите ќе продолжат се до остварување на нашата цел, за секој пензионер достоинствена пензија.

Извор СП