Царинска управа: запленети возило адаптирано за криумчарење, фалсификувани производи, парфеми, облека и обувки

0
247

Во текот на изминатите денови се спречени обиди за криумчарење на разна стока, а во еден случај е запленет автомобил специјално конструиран, адаптиран и прилагоден со цел криење стока, информитаат од Царинска Управа.

Во соработка со МВР, служба за мобилни скенери откри случај во кој автомобил со германски регистарски таблички бил специјално конструиран, адаптиран и прилагоден со цел криење стока. Случајот е откриен на излез на граничен премин Табановце, каде со мобилен скенер е извршено скенирање на автомобилот, при што се откриени бункери во праговите. Автомобилот е запленет, а до надлежниот суд ќе биде поднесена соодветна пријава до возачот на автомобилот, инаку македонски државјанин, заради прекршување на царинските регулативи.

Околу 130 парчиња облека и обувки се пронајдени во куфери и кеси сместени во багажникот на автомобил со македонски регистарски таблички, со којшто двајца македонски државјани се пријавиле за влез во државата на граничниот премин Меџитлија.

– 67 парчиња облека се откриени од мобилен царински тим при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички на влез во државата на граничниот премин Дојран.

– 329 кинезиолошки траки за поддршка на мускулите се пронајдени во багажник на автомобил со германски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

2.900 делови за ПВЦ прозорци (оков) се откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички на граничниот премин Блаце.

111 парфеми и тоалетни води се пронајдени во багажник на автомобил со германски регистарски таблички со кој македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце, потенцираат во соопштението од Царинска Управа.