АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ СЕКОЈ ДЕН ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ, БАРААТ ПОВИСОКИ ПЛАТИ

0
250

Вработени од неколку министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив денеска одржаа предупредувачки протест барајќи потпишување на колективни договори и исплата на 30 проценти додатоци на плата. На протест излегоа вработени од министерствата за животна средина, за дигитална трансформација, за шумарство и водостопанство, за правда, за култура и туризам, за економија и труд и за транспорт.

Протестите, како што изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, ќе продолжат секој ден од 11 до 11:30 часот, а во петок од 11 до 12 часот ќе се одржи протест пред Министерството за финансии.

– Почнуваме денеска бидејќи се одржува седница на Владата и апелираме на денешната владина седница да се стави точка на дневен ред, со што ќе се изнајде начин да се обезбедат средства од буџетот за решавање на овој долгогодишен проблем на вработените. Во изминатиот период од изборот на новата Влада, остваривме средби со речиси сите ресорни министри и по пат на преговори со нив, заеднички подготвивме Предлог – колективни договори, потоа со поддршка на ресорните министри беа испратени до Министерството за финансии. Овие Предлог – колективни договори беа поднесени до Министерството за финансии пред носење на Буџетот за 2025 година, но, од неразбирливи причини, Министерството за финансии не одобри средства за нивно потпишување, изјави Деаноски на протестот пред Министерството за животна средина и просторно планирање.

Висината на платите на вработените во институциите кои денеска протестираат, како што нагласи Деаноски, почнува од 25.010,00 денари.

– Просечната плата во овие институции е околу 29.000,00 денари, а просечната плата исплатена на ниво на држава изнесува 42.124,00 денари. Додатокот што го бараме од 30 отсто значи дека вработените би добиле 6.000 денари зголемување на плата, но и покрај тоа, сите вработени повторно ќе бидат под просечната плата на државата. Ова наше барање е старо повеќе од четири години. За овој додаток на плата сме протестирале и сме штрајкувале години наназад, но, за жал, ниту една влада досега не излезе пресрет на нашите барања, подвлече Деаноски.