Олеснителни околности за должниците на комуналните услуги за Тетово, за кои е иницирана постапка за присилна наплата

0
264

Компанијата „Саубермахер“ која го собира и транспортира комуналиот смет од Тетово, по една година откако ја презеде оваа должност реши да поведе постапка за граѓаните кои редовно не си ги подмируваат сметките. Но, постапката за извршување или популарно присилната наплата од која на секого му се „крева косата“ како што посочуваат од компанијата Саубермахер е последниот чекор.Оттаму велат дека постапката за наплата на долг кој произлегува од фактури најпрвин започнува со поднесување предлог за издавање на решение за нотарски платен налог до нотарот на чие подрачје е живеалиштето, односно престојувалиштето на должникот-физичко лице.

„По прием на предлогот, нотарот веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена од приемот на предлогот, носи решение кое го издава предложениот нотарски платен налог (нотарско решение). Нотарското решение веднаш се доставува до доверителот или до неговиот полномошник и до должникот. Во решението нотарот му дава доброволен рок за плаќање на долгот од страна на должникот. Доколку должникот во рокот за доброволно плаќање го плати главниот долг со законска казнена камата, како и трошоците на постапката во целост, доверителот или адвокатот како полномошник на доверителот може да побара повлекување на предлогот за издавање на нотарски платен налог без согласност на должникот информираат од компанијата „Саубермахер“.

Во спротивно, ако не го плати долгот во укажаниот рок доверителот, но и должникот можат да изјават приговор против истото. Приговорот се поднесува преку нотарот. Во текот на постапката нотарот исто така има рок од три дена да ги достави списите до надлежниот основен суд каде продолжува постапката, во која доверителот има својство на тужител, а должникот својство на тужен.
Доколку должникот не истакне приговор во рок од 8 дена од прием на нотарското решение, нотарот по службена должност ќе стави потврда за правосилност на решението со кое е издаден нотарски платен налог. Воедно, нотарот ќе стави потврда за извршност и на решението со кое е издаден нотарски платен налог, доколку истекол рокот за доброволно исполнување на обврската определен со решението.Доколку должникот не го плати долгот во доброволниот рок за плаќање, а нотарот на решението ставил потврди на правосилност и извршност, доверителот ја започнува присилната наплата.

„Се поднесува Барање за извршување до надлежен извршител, по што извршителот издава Налог за извршување согласно одредбите од Законот за извршување. Извршителот е овластен да избере средства на извршување и предмети на должникот заради целосно извршување на извршната исправа, а наплатата на парично побарување од должникот – физичкото лице извршителот најчесто ја спроведува со налогот за извршување врз плата/пензијата на должникот или парични средства на сметка на физичкото лице во банка, дополнуваат од компанијата Саубермахер“.

Инаку присилна наплата е иницирана за сите услуги фактурирани во текот на перодот од 02 до 08 месец 2024, но истата ќе продолжи за секој заостанат долг за комуналните услуги за град Тетово.