Хрватскиот Сабор денеска го донесе Законот за вонредни мерки за контрола на цените, кој со објавување на цените на интернет треба да го заштити стандардот на граѓаните од инфлација и да обезбеди брза реакција на нарушувањата на пазарот.
Согласно овој закон, трговците ќе имаат обврска редовно да ги објавуваат и ажурираат цените на сите нивни производи на интернет страниците и на клиентите да им овозможат непречен пристап до дигитални алатки кои нудат можност за споредување на цените во реално време.
Секој продавач ќе мора, заедно со моменталната малопродажна цена, јасно да ја наведе претходната малопродажна цена на производот од одреден период или одреден ден. Ова ќе овозможи полесно следење на промените на цените и транспарентно информирање на потрошувачите.









