Хрватска не е дел од заедничката изјава на земјите-членки на ЕУ во која се осудува Унгарија која забрани паради на ЛГБТ заедницата

0
621

Седумнаесет земји-членки на Европската Унија изразија длабока загриженост поради обидот на унгарската влада да го спречи одржувањето на годишните паради на гордоста во Будимпешта.

Неодамнешните законски измени ги кршат „фундаменталните права на ЛГБТ луѓето“, се наведува во заедничката изјава објавена денес од страна на државите потписнички. Изјавата ја потпишаа Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Ирска, Латвија, Литванија, Луксембург, Холандија, Португалија, Словенија, Шпанија и Шведска.

Во зедничката изјава на земјите на ЕУ Хрватска ја нема, пишуваат хрватските медиуми.

Во март, унгарскиот парламент ги забрани годишните паради на гордоста, кои, меѓу другото, се залагаат за правата на трансродовите лица и сексуалните малцинства.

Учесниците се соочуваат со потенцијални казни до 200.000 форинти (500 евра) за прекршување на забраната, а властите планираат да користат технологија за препознавање лица за да ги идентификуваат учесниците на парадата. И организаторите и учесниците би можеле да бидат казнети според новиот закон.

Владата ја оправдува забраната за паради на гордоста со цел да ги „заштити“ децата од контакт со хомосексуалноста.

Во април, унгарскиот парламент вклучи одредба во уставот на земјата дека едно лице може да се дефинира само како маж или жена. „Загрижени сме за импликациите од овие мерки врз слободата на изразување, правото на мирно собирање и правото на приватност“, се наведува во заедничка изјава на земјите-потписнички.

Земјите потписнички ја повикаа Унгарија да ги ревидира законските измени и ја повикаа Европската комисија да преземе мерки против Унгарија.