Правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија и таа ќе се спроведува – вели Минчев

0
647

„Законот е готов и откако ќе се добие сублимат и став од Венецијанската комисија ќе се најде пред пратениците“, рече министерот за јавна администрација

Не е коректно за ново законско и суштинско решение да се прејудицира дека нема своја употреба, рече денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев од собраниската говорница одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот од „Европски фронт“, Елми Азири, кој посочи дека предлог-законот за правична застапеност има недостатоци, не е ставен на увид пред пратениците, но и дека нема да помине во онаа форма во која Владата го предлага.

Според Минчев, алатката „балансер“ пред неговото преземање на функцијата во Министерството за јавна администрација не била според законските одредби, како и дека на седница на минатиот состав на Владата, Демократската унија за интеграција (ДУИ) констатирала дека „балансерот“ како алатка за правична застапеност се злоупотребува и има изминат рок.

„Правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија, согласно на Охридскиот рамковен договор. Од тоа нема бегање и тоа ќе се спроведува. Како Влада дадовме збор дека по укинувањето на ‘балансерот‘ од страна на Уставниот суд не треба да се брза со ново решение со цел да нема злоупотреби. Рековме дека ќе одиме полека и сериозно“,

рече Минчев на седницата за пратенички прашања.

Напомена дека во изработката на законот биле вклучени експерти по уставно право, за да се избегнат спротивставености со други закони.

Зборувајќи за методологијата што треба да биде содржана во законот, Минчев рече дека тежнеат да има реална застапеност на етничките заедници.

„Ние сме мултиетничко општество и тоа ќе го обезбедиме многу подобро од претходната владејачка гарнитура и ќе обезбедиме методолошки решенија како тоа најдобро да функционира“,

кажа тој.