СДСМ ќе поднесе кривична пријава за сајтот „Убијците на Кочани“

0
210

Откако „никна“ сајтот „Убијците на Кочани“ на кој се поставени фотографии од челни фигури на владата на Македонија односно премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, а ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ како наводен креатор на страницата, оттаму оваа кампања ја оценуваат како „патетична и разочарувачка“.

Патетична и разочарувачка е кампањата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кои се обидуваат да се претстават како жртви во јавноста. Ваквиот обид само ја покажува слабоста на оваа власт, која ниту има проекти, ниту пак нуди политики – се што понудија досега се лаги, манипулации и гола реторика. И секаде се фатени. Секоја лага им излезе на површина, затоа сега им останува само да се претстават како жртви. Најновата измислица на Мицкоски и ДПМНЕ денес е сеењето на магла дека некој барал „убиство на Мицкоски“. Имено, веб страницата www.ubijcitenakocani.com е направена на 16.09.2025 и пополнета со содржина непосредно пред прес-конференцијата на партискиот портпарол, односно во 11 часот и 58 минути, велат од СДСМ.

Извор – СДСМ Фејсбук страница
Извор – СДСМ Фејсбук страница
Од СДСМ упатуваат прашање – дали ова не е доказ дека истата е направена за морбидни ПР потреби на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашувме, дали ова не е доказ дека истата е направена за нивните морбидни ПР потреби? Пред прес-конференцијата, вебстранцата не постоеше, ниту пак некој ја имаше видено. Оттука, бараме ВМРО-ДПМНЕ да се извинат за искажаните лаги и обидот за манипулации, бараме од институциите веднаш да ја проверат сопственоста на интернет страницата. СДСМ ќе поднесе кривична пријава за пронаоѓање и казнување на креаторите на оваа морбидна кампања. СДСМ бара итно извинување од ВМРО-ДПМНЕ во спротив ќе поднесе тужба за клевета. Апелираме до Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ги остават да почиваат во мир жртвите од Кочани. Апелираме до Мицкоски да престане со овој морбиден ПР кој ги вознемирува семејствата на загинатите и повредените, наведуваат од СДСМ.

Инаку ВМРО-ДПМНЕ претходно излегоа во јавноста со најостра осуда реагира на како што велат, срамниот, злонамерен и монструозен обид за политичка злоупотреба на трагичните настани во Кочани преку дистрибуција на фотомонтажи и лажни обвинувања кон претседателот на Владата и други функционери.

Овие содржини беа објавени на интернет страницата ubijcitenakocani.com. Според јавниот WHOIS-извештај објавен на whois-страницата, доменот е регистриран вчера, на 16.9.2025. Од WHOIS-записот не се гледаат јавни детали за вистински регистрант или крајни сопственици. Ова јавно отсуство на податоци, во комбинација со именуваните name servers и регистратор, укажува на обид за анонимност и прикривање на вистинските нарачатели и сопственици на сајтот, што дополнително ги засилува сомнежите дека станува збор за намерна, организирана кампања со цел политичка манипулација и сокривање на траси кон вистинските иницијатори. За ВМРО-ДПМНЕ е јасно дека зад вакви обиди стојат структури блиски до Венко Филипче и неговите инсталации, кои со години злоупотребуваат политиката и јавниот простор за лични и партиски цели, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

И оттаму го повикаа Обвинителството да реагира.

ВМРО-ДПМНЕ повикува на итна реакција на надлежните институции. Не сакаме да веруваме дека некој сака по уште еден пат да предизвика болка, овојпат преку гнасна политичка злоупотреба на оваа трагедија. Зарем Обвинителството ќе остане немо на вакви содржини кои директно шират омраза, дезинформираат и претставуваат закана за безбедноста на луѓето? Дали институциите ќе ги испитаат регистраторските траги и ќе утврдат кои стојат зад анонимниот сајт и кој ги нарачал овие монструозни материјали?, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.