Му земале илјадници евра претставувајќи се како членови на криминална група

0
272

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица осомничени за кривично дело изнуда, казниво по член 258 од Кривичниот законик. Всушност, според соопштението на јавното обвинителство, станува збор за класичен „рекет“.

Според обвинителството, во периодот од 16 до 18 септември, првоосомничениот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, употребил сериозна закана и присилил едно лице да му исплати 60.000 денари. Тој се сомничи дека се претставил како припадник на криминална група и побарал 1.000 евра од оштетениот, тврдејќи дека ќе го „заштити“ од други лица кои претходно му барале пари. Притоа му се заканил да не пријавува во полиција, бидејќи ќе го убие и ќе му ја запали куќата.

Оштетениот првиот ден му дал 30.000 денари бидејќи тоа бил максимумот што може да го извади од банкомат, но потоа сепак пријавил во полиција. Два дена подоцна, кога се договориле за преземање на остатокот од парите, банкнотите биле претходно крим-технички обработени. Веднаш по предавањето, осомничениот бил уапсен на лице место, а кај него биле пронајдени обележаните пари.

Истрагата опфаќа и уште две лица, за кои, врз основа на досега обезбедените докази, обвинителството има основано сомнение дека во текот на август и септември годинава на повеќе наврати изнудувале пари од истото лице. Според наводите, тие го уверувале оштетениот дека парите посредно се наменети за трети лица, со цел да не му наштетат нему и на неговото семејство. На тој начин, постои сомнение дека го присилиле да им исплати вкупно 27.000 евра.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, кој бил фатен при извршување на делото. За другите двајца осомничени предложени се мерки на претпазливост, задолжително јавување во суд и забрана за приближување до оштетениот и неговото семејство.