Поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, во ретка објава на социјалните мрежи денеска остро и категорично ги негираше тврдењата на актуелниот премиер Христијан Мицкоски за наводните „куферчиња пари од поранешен премиер на Бугарија“, оценувајќи ги како лаги и клевети.
Имено, Мицкоски викендов во дел од своите обраќања на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на предизборниот караван за локалните избори, говорејќи за резолуцијата со „црвените линии“ што ја предложи актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, рече дека се сеќава на времето кога „поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица“.
Притоа, лидерот на владејачката партија додаде оти е логично да се верува оти СДСМ повторно тропнале на истата врата, а дека подарокот што Бугарија може да го плати е „нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси“.
Ваквите тврдења експремиерот Заев вели дека се невистинити и оти се дел од очајните обиди на Мицкоски да го оттргне вниманието на јавноста од неговите неуспеси и да го пренасочи кон неговите измислици.
„Небулози, клевети и навреди се методите на Мицкоски со кои сака да се оправда за катастрофата која ѝ ја нанесува на целата држава. Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија. Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни ‘куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија’ како невистини и како очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси кон неговите измислици“,
вели Заев во објавата на Фејсбук.
Во неа тој додава дека „кога сме веќе кај куферите, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери“.
„Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата“,
додава експремиерот и поранешен лидер на СДСМ.









