Адеми: МВР и Обвинителството итно да го расчистат пукањето во Куманово, одолговлекувањето би имало сериозни последици

0
164

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска ги повика Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство итно и транспарентно да го расчистат вчерашниот вооружен напад во Куманово во кој беше ранет носителот на советничката листа во Општина Липково од оваа партија, д-р Зеќирија Шахини. Во спротивно, како што наведе потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, на денешната прес-конференција, секое одолговлекување и толерирање на насилството ќе има сериозни последици по јавната безбедност, изборниот процес и угледот на државните институции.

Адеми на почетокот на своето обраќање повторно изрази загриженост за, како што кажа, вооружениот напад врз нивниот кандидат и носител на советничка листа, кој за среќа, е надвор од животна опасност.

„Но, самиот факт што среде изборна кампања се случува ваков атентат претставува сериозен аларм за демократијата, јавниот ред и безбедноста во државата“,

рече тој.

Според потпретседателот на ДУИ, во случајот не станува збор за обичен инцидент, туку, за, како што наведе, тежок, намерен и морбиден чин, чија цел е да создаде несигурност, страв и тензии.

Поради, додаде тој, ДУИ остро го осудува овој, како што го нарече, варварски и криминален акт и бара итна, сериозна и транспарентна реакција од надлежните институции, особено од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителството на Република Северна Македонија.

„Прикривањето на вистината, одвлекувањето на вниманието или релативизирањето на настанот се неприфатливи и опасни“,

додаде тој.