Во Собранието денеска ќе се одржи седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, на која ќе се разгледува претставката поднесена од Здружението „16 март 2025 Кочани“, познато во јавноста како Здружение на родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“.
Родителите повторно инсистираат дека нивната иницијатива не е политичка, туку исклучиво борба за правда и барање институционална одговорност за да не се повторат вакви трагедии.
Во нивното обраќање до Комисијата тие нагласуваат дека бараат само она што им го гарантираат Уставот и законите, почитување на човековиот живот, правото на безбедност и правична постапка. Здружението очекува Комисијата да поведе постапка за утврдување на можните повреди на човековите права, да повика на сослушување претставници на сите релевантни институции и да отвори темелна парламентарна истрага за евентуални пропусти, прикривања и коруптивни влијанија. Родителите бараат и итни измени на законите што го регулираат работењето на угостителските објекти, со зајакнати безбедносни стандарди и построга контрола врз инспекциските служби.
Претседателот на Комисијата, пратеникот Димитар Апасиев, претходно најави дека на седницата се поканети претседателката на државата, премиерот, претседателот на Собранието, министерот за внатрешни работи и други надлежни институции. Тој упати апел до владејачкото мнозинство да не ги избегнува обврските и да присуствува на седницата, потсетувајќи дека датумот е усогласен со родителите, токму поради тоа што денеска нема закажано судско рочиште за случајот „Пулс“.









