Денеска стоиме овде за да смениме нешто во оваа држава. Бараме само правда, но вистинска правда за нашите деца и за генерациите кои ќе дојдат после нас, порачаа денеска пред Анкетната комисија родителите на настраданите во дискотеката „Пулс“.
Тие се пожалија дека со нив се манипулира и дека се уште не ги добиле одговорите на, како што истакнаа, клучните прашања.
-Не сме тука за некој да манипулира со нас. За мене ова претставува злосторничко здружување – смртоносна недела, загрозување на уставниот поредок и безбедноста, што доведе до насилна и прерана смрт на неколку генерации млади кои беа на концерт на групата ДНК. Децата не беа во диско, туку на концерт. Можеше секој од нас да се најде таму. Кој ни ја гарантира безбедноста? Откога се случи трагедијата, од тој датум до денес, од вас не добив одговор. Кога ќе го видам документот кој ја потпишал акциската контрола? Кој ја потпишал полициската контрола во Кочани таа ноќ? на ова сакам да ми одговри министерот за внатрешни работи Тошковски. Во 12 часот сите биле од СВР Штип и ОВР Кочани пред дискотеката, во 12 часот. Во 12 да се почнело со рацијата нашите деца ќе беа живи, немаше да бидат мртви – рече мајка на една од жртвите во пожарот.









